Танцова претстава “Фен Мо” од Кина на сцената на МНТ

Претставата “Фен Мо” на Пекиншката академија за танц, македонската публика ќе има можност да ја проследи утревечер (24 јануари) во 20 часот на сцената на Македонскиот народен театар.

Пекиншката академија е на европска турнеја 22 дена и ќе има гостувања во пет земји: Македонија, Србија, Бугарија, Полска и Унгарија.

Инаку, претставата е инспирирана од поговорката од книгата “Записи за сликарството од сите династии” од Јан Јуан Занг од Танг династијата (618-907), која гласи вака: “Ако еден сликар користејќи го мастилото може да алудира на петте бои, тогаш тој ја знае есенцијата на сликањето, но никако не смее да се фокусира само на боите, бидејќи ќе се оддалечи од суштината”.

Во кореографијата се користат традиционални кинески елементи како “здив”, “штаки”, “коса”, “ракави”, “меч”, “лепеза”, “чадор” и “фустан” за да се пренесат чувства на пријателство, тага, огорченост, навреденост, извонредност, опуштеност и љубов во кинескиот спиритуален свет, во кои е содржана есенцијата на кинеската класичност.

Претставата се состои од пет слики, во неа учествуваат триесет и пет танчари, а продукцијата е на Пекиншката академија за танц.