„Танц фест“ во Скопје и Велес

На 5 април во Македонскиот народен театар со спектакуларната претстава „Пиксел“ во кореографија на Мурад Мерзуки од Франција, ќе биде отворен 13-тиот фестивал на современ танц „Танц фест“...

Претставата е во продукција на Националниот кореографски центар во Кретел и Вал-де-Марне и, како што наведува организаторот на фестивалот – Скопје танцов театар, во моментов е светска атракција, спој на современ танц, хип хоп и врвна технологија на сцена.

– Со оваа претстава во Скопје, Франција ја отвора сезоната FranceDance Orient Express на Балканот. Гостувањето е поддржано од Францускиот институт од Скопје и Париз и Театроскоп, а целиот фестивал се одржува со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија, соопшти Скопје танцов театар.

Годинашниот „Танц фест“ ќе трае до 25 април и ќе се одржува во Скопје и Велес под мотото „Биди свој!“. Организаторот најави интересни настани и претстави, со учество на уметници од Франција, Швајцарија, Кина, Словенија, Летонија, Германија, Италија, Холандија, Унгарија, Русија, Чешка и од Македонија.

Танц фест 2017 во својата програма годинава го вклучува и Интернационалниот натпревар за млади кореографи Танцлаб.

Првата полуфинална вечер на натпреварот ќе се одржи на 7 април на сцената на Народниот театар „Јордан Хаџи-Константинов-Џинот“ во Велес.

На 8 април ќе се одржи гала-вечер на која ќе бидат прикажани петте финалисти избрани од стручното жири. Воедно вечерта ќе биде изведена и најновата премиера на Скопје танцовиот театар – „Патот“ во кореографија на Антон Рудаков од Германија, добитник на „Златна пеперутка“ за најдобра кореографија на Танцлаб во 2015 година.

На 10 април во Македонскиот народен театар ќе биде изведена претставата „Од Цирих со љубов!“ на Универзитетот за убави уметности, од Цирих, Швајцарија. Претставата се состои од повеќе кореографии, меѓу кои е и кореографијата на Адријана Данчевска од Скопје танцов театар, како и на Рено Вајсер, Емануел Сови и Барак Маршал – врвен кореограф од Израел.

Организаторот посочува дека тоа ќе биде прво поголемо гостување на современа танцова компанија од Швајцарија во рамки на Танц фест. На 12 април во МНТ ќе има уште една премиера на Скопје танцовиот театар, насловена „Кожа“, во кореографија на Матеа Киселичка, Адријана Данчевска и Рисима Рисимкин.

На 20 април на сцената на МНТ ќе биде изведена претставата „Р.Е.М. (Rapid Eye Movement) A dream section“ на Најн – современиот танцов театар од Пекинг.

Фестивалот ќе заврши на 25 април во Велешкиот театар со претставата „Колевка“, копродукција на повеќе европски фестивали и Кина.

Од 13-ти до 17 април во Скопје во рамки на програмата „Танцуваме со Виталија“ ќе се спроведе проектот „Инкубатор флоатинг“ во кој учествуваат деца танчари од осум до 12 години.

– Ова е прв проект од овој вид кај нас, во кој студентите од Новиот танцов центар од Хаг, Холандија, пред нашата публика ќе ги претстават нивните креации. Во рамките на оваа програма на сцената ЗЕБРА ќе се одржат и повеќе работилници за танц на разни интересни теми, наведува Скопје танцов театар во најавата на програмата за годинашниот Танц фест.