"Свети Андреа" дел од убавините на Матка

Во прекрасниот амбиент на месноста Матка, сокриен меѓу високите карпести предели се наоѓа манастирот "Св.Андреа". Овој верски храм кој припаѓа на Скопската епархија, е на околу 17 километри одалеченост од Скопје.

Лоциран е на левиот брег на акумулационото езеро и на неколку стотици метри од манастирскиот комплекс Матка. Не само околината, туку и објектот секојдневно го посетуваат голем број граѓани.

Но, тој не е привлечен за посетителите само поради својата необична местоположба, туку и по живописните фрески.

Црквата е изградена во 1389 година и таа е испонета со фрески кои имаат голема уметничка вредност. Во сочуваниот натпис над западниот влез, од внатрешната страна, стои дека оваа манастирска црква ја подигнал Андреа, вториот син на кралот Волкашин. Во еден друг, пак, прилично оштетен натпис од истата црква, забележани се местата што ктиторот како имот ги подарил на овој манастир. Над нишата на јужната страна од олтарната апсида е назначено и името на монахот Калест Кирил, кој дал свој придонес во подигањето на црквата. На грчко или словенско писмо, на северната страна од апсидата, впишани се и имињата на митрополитот Јован зограф и монахот Григориј. Фрескоживописот по своите стилски и уметнички особености ја издвојува оваа мала црква од другите споменици во Македонија од тоа време. Зографот кој работел во црквите во околината на Прилеп живописал сцени и фигури што отскокнуваат од традиционалната иконографска шема. Во три хоризонтални зони, со жив колорит, се претставени фрески со фигури на Светите воини, како и од животот на Христос.

И изгледот на црквата "Св. Андреја" е карактеристичен. Решен е во форма на издолжен триконхос, во чиј средишен дел се издига сводна купола, а во средината на ВИ век била доѕидана и припрата.

Освен црквата, овој манастирски комплекс го сочинуваат и големиот конак чие точно време на изградба не е познато.

Во манастирскиот двор се наоѓаат и неколку помошни објекти што се користат како магацински простор, летната кујна со фурна и една голема тераса, лоцирана на самиот брег на езерото, а и секогаш може со чамец, по желба на посетителите, да се прошетаат по езерото.