Столпчиња по цела Партизанска: Oд Порта Влае до Центар на велосипед

По булеварот Партизански одреди до крајот на оваа година ќе биде можно да се вози велосипед од Порта Влае до Центар непречено, без велосипедистот да се „удира“во некое возило, билборд, пешак или да се заниша од удар во дупка.

Набрзо се очекува да почне проектот на градската власт за реконструкција и изградба на велоспедиски патеки по целата должина на булеварот Партизански одреди, информираат надлежните од Градот Скопје. За да се заштити оваа ранлива група на граѓани, на многу места ќе се поставуваат пречки-столпчиња на тротоарите.Обновата е дел од проектот на градоначалникот Kоце Трајановски „Скопје велоград 2017“, кој има цел до следната година низ цел град да се оформат 51 километар велосипедска инфраструктура. 

Во рамките на проектот „Скопје велоград 2017“, веќе неколку месеци се обновуваат велосипедски патеки на неколку места во градот - Гази Баба, Центар, Kарпош, Ѓорче Петров, Аеродром. Kако што објасни градоначалникот Трајановски, проектот подразбира квалитетни велопатеки, обележани со стандардизирана, јасна и видлива хоризонтална и вертикална сигнализација. За разлика од минатото, новина сега е што новите патеки ќе бидат изработени од асфалт, а не со павер-елементи како досега. Спуштањата на раскрсниците ќе бидат изведени со рампи, а ќе се дислоцираат и сите пречки на патеките како што се билбордите, канделабрите, контејнерите, сообраќајните знаци и слично.

Предвидени се главни велосипедски рути, кои ќе се протегаат во насока исток-запад и 7 конектори, кои ќе се протегаат во насока север-југ. Рутата 1 е веќе готова, а се однесува на потегот Гази Баба-Центар-Kарпош, со должина од околу 8 километри. Рутата 2 почна да се гради, а ќе се гради и в година на потегот Аеродром-Центар-Kарпош-Ѓорче Петров, со должина од 11 километри. Рутата 3 ќе се гради оваа и следната година на потегот Kисела Вода - Центар-Kарпош со должина од 8,5 километри, исто како и рутата 4 на потегот Бутел-Чаир-Центар, долга 5 километри.

Во исто време, додека се одвиваат дел од планираните активности за „Скопје Велоград 2017“, трае и обновата на патеките од двете страни на кејот на Вардар, а се поставува и осветлување. Се гради патека од мостот „8 Септември“ до реката Лепенец во Kарпош, како заокружување на велосипедско-ролерската патека од двете страни на Вардар. Предвидено е целосно поврзување на велоспедиската рута на кејот, од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, со мал прекин на кејот во центарот на градот, поради градежни работи на други објекти. Вкупната должина на велосипедско-ролерската патека од двете страни на реката е 21 километар.