Стерилизацијата на кучиња скитици во застој: Од „Лајка„ не се слуша лаеж

Иако низ градот, па и во самиот центар на плоштадот „Македонија“, се шетаат бездомни кучиња и претставуваат опасност за граѓаните, а полициските билтени често бележат дека некој бил каснат од куче, досега нема ниту глас од градското претпријатие „Лајка“, кое беше формирано на 28 февруари годинава, кога ќе почне со работа.

Никој досега од претпријатието не се одѕва да каже на кој начин и дали воопшто се спроведува ваквиот третман, иако сета надлежност од овој вид, токму затоа, му беше одземено на јавното претпријатие „Комунална хигиена“, а стационарот „Вардариште“, припадна на новото јавно претпријатие „Лајка“, пишува Вечер.

Од Градот признаа дека заради реконструкцијата на стационарот „Вардариште“, која почна на 19 јуни годинава, стерилизацијата на кучињата е во мал застој, нивниот број по улиците се зголемува, а од Градот велат дека работат на систематско решавање на проблемот со бездомните кучиња.

- Во соработка со останатите државни институции работиме на сите области кои се поврзани со оваа комплексна материја. Изминатиов период стационарот „Вардариште“ прејде во новото јавно претпријатие „Лајка“ кое под своја надлежност во целост ги преземе активностите за заловување на животните скитници, стерилизација, ветеринарната грижа, регистрирањето и процедурите за вдомување од заинтересираните граѓани, децидни се градските власти.