Стејт департмент: Потребни се позасилени мерки против трговијата со луѓе

Северна Македонија презема значителни напори, но се уште не ги исполнува стандардите за елиминација на трговијата со луѓе, се констатира во извештајот на Стејт департментот за 2019.

Во извештајот за трговијата со луѓе во светот, се нотира дека Владата презела повеќе напори во споредба со претходниот извештаен период, поради што земјата и натаму останува во групата Тиер 2. Овие напори вклучуваа истраги, гонење и осудување на повеќе трговци со луѓе и идентификување на повеќе потенцијални жртви. Владата ги зголеми ресурсите за заштита на жртвите и го измени кривичниот законик за да вклучи клаузула за неказнување за жртвите на трговија со луѓе.

Но, се уште не се исполнети стандардите во неколку клучни области. Судиите и натаму изрекуваат минимални казни за трговија со луѓе. Иако има истраги за вклучување на припадници на полицијата во корупција или трговија со луѓе, се уште изостануваат постапки против државни службеници. Владата не им доделува грантови на невладините организации за борба против трговијата со луѓе четврта година по ред, забележува Стејт департментот.

Според извештајот, жртви на трговијата со луѓе се македонски, но и странски државјани. Жени и девојки се цел на сексуално злоставување и принудна работа најчесто во ресторани, барови и ноќни клубови. Странските жртви кои сексуално се злоупотребуваат најчесто потекнуваат од земјите од Балканот и Источна Европа – Албанија, БиХ, Косово, Романија, Србија и Украина. Граѓани на Северна Македонија, пак, се жртви на трговија со луѓе и принудна работа, особено во градежништвото и земјоделскиот сектор во Јужна, Централна и Западна Европа. Проблем е и принудувањето на деца Роми на питачење и на несакани бракови. Особено ранлива група се мигрантите и бегалците кои поминуваат низ земјата, пред се жените без придружба. Трговците со луѓе често ги поткупуваат полицајците и инспекторите за што веќе има и документирани полициски извештаи, се нотира во Извештајот.

Стејт департментот препорачува засилени истраги, обвиненија и пресуди против трговците со луѓе, вклучувајќи и соучесниците службеници, како и воведување построги казни. Се препорачуваат и мерки за проактивна идентификација на евентуалните жртви и нивно препознавање меѓу мигрантите, бегалците, лицата вклучени во проституција… Поголема поддршка за НВО кои се грижат за заштита на жртвите, обезбедување сместување и заштитни центри, повеќе ресурси за полициската единица за борба против трговијата со луѓе, за обука на судиите, обвинителите и другите надлежни лица и институции во врска со истрагите и процесуирањето на трговијата со луѓе, поголемо информирање на јавноста за овој проблем и формирање независна канцеларија на Национален известувач за трговијата со луѓе, се дел од мерките кои ги препорачува Стејт департменто на САД во дело за Северна Македонија