Стартуваше специјална ЕВН паралелката во “Михајло Пупин” – учениците се обучуваат за работа во компанијата

Во средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“ од Скопје започна школската година за првата генерација ученици во специјалната ЕВН паралелка.

За оваа паралелка креирана е специјална наставна програма која ја подготвија тимовите на училиштето, експерти од ЕВН Македонија и Министерството за образование. Учениците ќе стекнуваат знаење од областа на електротехниката и во нова целосно опремеа  училница за нивните потреби. Со оваа паралелка почна и процесот на дуално образование  кое треба да создаде обучен специјализиран кадар кој веднаш по завршувањето на образованието ќе биде подготвен да работи во ЕВН.

-Ова е денот кој долго го очекувавме. Сите напори и идеи конечно добија епилог“, рече Штефан Петер, претседател на управниот одбор на ЕВН Македонија, при посетата на училиштето по повод почетокот на функционирањето на специјалната паралелка.

-Стартува учебната година за 20 тина млади луѓе кои треба да се стекнат со вештини и знаење кои ќе им го отворат патот до работното место. 20 најдобри во 2020 кога ќе го завршат своето образование ќе бидат веднаш вработени и ќе заработуваат почетна плата од 20 000 денари. Денес им посакуваме успешен почеток и им порачуваме да се посветат на учењето, да покажат резултати, да се поддржуваат меѓу себе, да научат да работат тимски, да соберат знање и теоретско и практично и по три години ги очекуваме во нашата компанија, истакна Петер.

Претседателот на управниот одбор на ЕВН Македонија  Штефан Петер  им посака успешна учебна година и на сите 168 ученици во средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“ од Скопје.

Ефтим Пејовски, директор на СЕТУГС „Михајло Пупин, изрази благодарност за подршката која ЕВН Македонија ја дава на електротехничкото училиште и образовниот процес во нашата земја. „Тимот на професори, претставници на министерството за образование и експерти од ЕВН цело лето работеа на усогласување на наставната програма според потребите на учениците, училиштетето и компанијата“, посочи Пејовски. Според него ова е можност за младите луѓе која што никој досега ја нема понудено.

-Од денес се менува образовниот процес во Македонија. За прв пат се создава услови за образовен процес кој ке продуцира кадар кој веднаш по образованието може да работи во стопанството. Ова е единствена можност, да се запишете во училиште, успешно да го завршите и да ве чека работно место со добра плата во еминентна компанија како што е ЕВН е сон на многу деца и родители, истакна Пејовски.

Во новиот кабинет, според новата специјално дизајнирана програма која е усогласена со Министерството за образование на РМ, ќе се обучуваат идните електричари и електромонтери. Целта е подготовка на ученици кои ќе можат директно да се вклучат во работниот процес уште за време на нивното средно образование. Ова се принципите на таканареченото дуално стручно образование и обука што е веќе успешна приказна во Австрија, Германија и Швајцарија.