Стан за еден ден - Еднодневната кирија во Скопје достигнува и до 35 евра

Издавање стан на еден или неколку денови е нов тренд на пазарот за рентање недвижнини. Агентите за недвижнини велат дека во внатрешноста на државата ова се прави повеќе години, додека во Скопје е поизразено во последно време.

Со еднодневната кирија која достигнува до 35 евра, станодавците за една недела ја вадат месечната рента, но како што информираат упатените, ризикуваат кога ќе си замине кираџијата, зад себе да остави руиниран стан. Во метрополите во регионот ова е многу раширена појава, особено во Белград, а според некои информации, кај нас има лица кои поседуваат повеќе станови и со нив развиваат цел бизнис, издавајќи ги за едно или повеќе ноќевања.

Во агенциите за недвижности велат дека ретко имаат клиенти кои издаваат станови на ден. Најчесто за вакво изнајмување освен странците кои не сакаат да одат во хотел, заинтересирани се и нашите иселеници во странство. 

- Изнајмување стан за еден или повеќе денови, или пак месец најчесто имаме за време на летните одмори и за божиќните празници кога нашите вработени во странство си доаѓаат дома. Дневните кирии се движат од 25 до 35 евра, а ако се изнајми станот на еден месец, тогаш цената е 350 до 450 евра, плус режиските трошоци. Обично за вакво изнајмување се бара стан со една спална - информираат од агенциите за недвижности.

Во државата, особено во Скопје, последниве години понудата на станови за издавање е многу поголема од побарувачката, па веројатно тоа е една од причините што сопствениците под ризик да им се уништи станот се решаваат да го издадат на ден или месец, наместо со договори на повеќе години.

- Семејство кое живее под кирија бира цена, а не луксуз, па затоа изнајмува помал стан. Месечните кирии во Скопје се движат од 200 евра за помалите станови, до 1.150 евра за луксузно опремените со над 100 квадратни метри. Луксузните станови ги изнајмуваат странците. Не е лесно да се издаде таков стан, но нема правило, може да се најде кираџија веднаш, а може да стои празен и шест и повеќе месеци – додаваат од агенциите.

Недостатокот на кираџии е резултат на интензивната станоградба во главниот град во последните десетина години која го презасити пазарот на недвижнини, како и на можноста да се купи стан на кредит, која во тој период ја дадоа банките.