Средба Заев-Итала: Видлива е волјата и определбата за справување со финансиски злоупотреби

Интензивирањето на соработката меѓу Северна Македонија и Европската канцеларија за борба против измамите (ОЛАФ), во пресрет на очекувањата за добивање датум и отпочнување на преговорите на држава со ЕУ, со што се отвораат поголеми можности за нашата земја до ИПА фондовите на ЕУ, било тема на средбата на премиерот Зоран Заев со генералниот директор на ОЛАФ, Виле Итала.

На средбата, како што соопшти владината Прес-служба, премиерот Заев бил придружуван од раководителот на Секторот за финансиска инспекција во јавниот сектор и координација на борбата против измама на ЕУ средства, Фатмир Адеми и главниот ревизор за ИПА во Ревизорското тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош (ИПА), Адем Цури, а Итала од претставници на Канцеларијата, како и од Делегацијата на ЕУ во Скопје.

– На средбата е истакнато дека е видлива волјата и определбата на Владата на Република Северна Македонија и на нашата држава, за справување со ризиците за финансиски злоупотреби на европски ИПА средства или на пари на даночните обврзници во земјава, се вели во соопштението.

Соговорниците на средбата заеднички констатирале дека клучни во борбата против можните финансиски измами, покрај соодветната законска регулатива, се и соработката со ОЛАФ, транспарентноста на државните институции при користењето на средствата, како и довербата.

– И од значење за нашата држава е зајакнувањето на соработката со ОЛАФ, којашто ќе биде од голема помош посебно по октомври, кога очекуваме позитивна одлука од Советот на ЕУ за интеграцискиот процес. Сакаме да сме јасни во определбата, како држава и како Влада, за одговорно насочување и употребување на парите од достапните европските фондови. Нашата определба како Влада е да бидеме вистинска европска земја, со примена на сите европски вредности, меѓу коишто се и транспарентноста и зајакнувањето на капацитетите на институциите. Посебно сме фокусирани кон обезбедувањето функционален правосуден систем и не селективност пред правдата, без разлика дали станува збор за претходни криминални и корупциски случаи или можни актуелни случаи. Веќе има првични резултати од реформите во правосудството и ќе продолжиме да даваме аргументи пред државите на ЕУ и нивните граѓани, дека ја заслужуваме укажаната доверба, истакнал премиерот Заев.

На состанокот е разговарано и за поконкретни активности во меѓусебната соработка. Во таа насока е и Меѓународната конференција за единиците на земјите кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ, за координација на борбата против измама, што се одржува во Скопје, за којашто е дојдена и делегацијата на ОЛАФ предводена од генералниот директор Виле Итала, а на којашто присуствуваат и претставници од институциите во државава.