Средба на градоначалникот на Гази Баба со чешкиот амбасадор Рамеш

Градоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски денеска беше во посета на амбасадата на Република Чешка, каде се сретна со амбасадорот Мирослав Рамеш.

На средбата, како што информира општина Гази Баба, присуствувале и заменик амбасадорот Јожев Брож, дирeкторот на Средното угостителско-туристичко училиште „Лазар Танев”, Зоран Николовски и претседателот на „Клубот на пријатели на Македонија“ од Република Чешка, Јири Бартон.

Градоначалникот, како што се наведува во соопштението, изразил благодарност за поддршката и помошта околу активностите за санирање на последиците од поплавите кои ја зафатија општина Гази Баба.

Било разговарано и за остварување на соработка на општина Гази Баба со некоја од општините на Чешка, за интензивирање на меѓународните односи на економско, образовно и културно ниво, како и за можноста за соработка со некои од основните училишта во Чешка преку програмата ЕРАЗМУС, се вели во соопштението од општина Гази Баба.

На средбата станало збор, меѓу другото, и за можноста за соработка во рамки на рализација на бројни проекти поддржани од фондовите на Европската унија.