Спектакaлот наречен „Distinguished Gentleman’s Ride” повторно во Скопје

По минатогодишната успешна организација на големиот хуманитарен настан „Distinguished Gentleman’s Ride”, Скопје и оваа година ќе биде дел од истиот.

Вториот по ред настан од овој тип кај нас ќе се одржи во недела на територијата на град Скопје, каде што околу 100 навистина интересни моторцикли ќе бидат управувани од господа и дами во официјална гардеораба.

Парадата ќе биде во склоп на глобалното движење поддржано од Movember фондацијата, со првенствена цел подигање на свест за превенција од рак на простата и менталното здравје кај мажите.

Дополнително, цел на настанот е со парадно возење по централните градски улици да се прикажат моторциклистите во едно поинакво светло, како културни и модерни урбани ликови и со тоа да се разбијат стереотипите дека моторциклистите се секогаш оние кои се неуредни и не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.

Глобално се очекува настанот да го сочинуваат повеќе од 70.000 џентлменски облечени мажи и жени, кои ќе ги управуваат своите класични и современи урбано стилизирани моторцикли. Настанот се случува во 600 града во светот на иста дата, 24. септември.