Спасовски: Изборите се на 5 јули!

Изборите мора да се одржат врз основа на законските прописи и врз основа на владината уредба. Таа уредба ги прекина активностите околу изборите. Така што, кога ќе заврши вонредната состојба, роковите за избори ќе продолжат и остануваат уште 22 дена, а тоа се поклопува со 5 јули како можен датум. Затоа, ако ги следиме овие факти тогаш датумот за избори е јасен. Нам ни треба функционална држава и ако нема избори ќе нема ништо, изјави премиерот Оливер Спасовски во интервју за ТВ 24.

– Има алтернативни мерки, пристап  до избирачите како и на кој начин треба да се пристапи,  да се промовира програмата. И врз основа на протоколите кои ги издадоа од Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести ќе можат да се организираат овие предизборни дејствија, како и денот на изборите, истакна Спасовски.

Според него, изборите ќе се организираат согласно протоколите, со внимание да имаме успешен и мирен изборен процес.

– Ние секогаш кога носевме одлуки во изминатиот период тоа беше врз основа на лекарските препораки и внимававме на здравјето. Така ќе и биде и во иднина, се што ќе одлучиме во врска со изборите ќе биде врз основа на лекарските мислења, изјави Спасовски.

Тој потенцираше дека законските норми условуваат изборите да се одржат 22 дена по завршување на вонредната состојба.

– За нас е важно да имаме функционални институции, не можеме и понатаму вака, немаме Парламент, а воведовме вонредна состојба за да може државата да функционира само преку Владата. Носењето на уредбата за прекин на изборите го условува датумот за избори. Ако таа прекине почнуваат да течат тие 22 дена за финиширање на изборниот процес. Јас знам дека важно е да имаме консензус околу датумот, затоа и имаше лидерски средби, потенцира Спасовски

Премиерот нагласи дека сега имаме состојба во која ќе живееме подолго и затоа мораме да имаме избори во првиот можен рок, бидејќи немаме начин како да функционираме како држава ако немаме избори.