Спасот од болката во грбот барајте го во промената на животниот стил

Стручните лица од Универзитетот за здравје и наука од Орегон дојдоа до заклучок дека за хроничната болка во грбот редовната масажа е многу подобро решение од аналгетиците, но и дека нејзиното благотворно дејство е краткотрајно. Спас треба да се побара во промената на животниот стил и во вежбањето. 

Терапијата со масажа може да им помогне на луѓето што страдаат од хронична болка во грбот, иако по извесно време благотворните ефекти се губат, утврди тимот од американски стручњаци. Истражувањето е извршено врз 401 лице, од кои половина се случајно се избрани за стандардна нега, додека на другите им е применуван еден или два типа масажа – структурална или релаксациона, позната и како „шведска“ масажа, известува Ројтерс.

По период од два и пол месеци во кој им се применувале масажи еднаш неделно, кај две третини од испитаниците имало подобрување, истакнува водичот на истражувањето Ричард Дејо од Универзитетот за здравје и наука од Орегон.

Меѓу другото, само 30% од испитаниците што применувале масажа, земале аналгетици во претходните седум дена, во однос на 40% од оние што биле на стандардна нега.

Освен тоа, во претходниот месец, 7% од испитаниците на стандардната нега барем еден ден останале в кревет, додека таквите во групата со масажи биле многу помалку.

Меѓутоа, некои од очигледните поволни последици од масажата исчезнале веќе по половина година, а сите подобрувања исчезнале во рок од една година. Дејо заклучува дека некои промени во животниот стил можеби се најдоброто решение за лицата со хронична болка во грбот. Исто така и програмата со вежби е од клучна важност за подобро секојдневно функционирање на овие луѓе, истакнува американскиот стручњак.