Совети како да ги откажете цигарите без да се здебелите

Во денешно време надворешниот изглед е многу важен, а во тој контекст најголем женски кошмар е качувањето на килограми. Сигурно сте слушнале дека откажувањето од пушењето е рецепт за зголемување на тежината и можеби токму стравот од дополнителни килограми сè уште ве држи врзани за таа нездрава навика.

Лошата вест е што навистина качувањето на килограмите по откажувањето на цигарите е многу честа појава. Се смета дека четири од пет поранешни пушачи ја покачиле својата тежина со 2-5 килограми по оттргнувањето од оваа штетна навика. Добрата вест е што здебелувањето не е неизбежно. Откажувањето на цигарите не делува исто кај секоја личност и не му „подарува“ килца на секој екс пушач.

ЗОШТО МОЖЕ ДА СЕ ЗДЕБЕЛИТЕ ОТКАКО ЌЕ ГИ ОТКАЖЕТЕ ЦИГАРИТЕ?

Зголемен апетит. Откажувањето на цигарите е проследено со зголемување на апетитот. Додека пушите, никотинот го потиснува вашиот апетит, па по откажувањето нормално е почесто да се чувствувате гладни и како резултат на тоа почесто да јадете.

Забавен метаболизам (побавно согорување на калории). Веднаш по вдишувањето на чадот од цигарата, никотинот го забрзува метаболизмот, како и ритамот на срцето за 10-20 отчукувања во минута. Кога ќе престанете да го снабдувате вашиот организам со никотин, метаболизмот ќе се врати во нормала. Па, ако во овој период на адаптација внесувате ист број на калории како и кога сте пушеле, треба да очекувате некое килце плус.

Изострување на сетилото за вкус. По откажувањето на цигарите, кај најголем дел од поранешните пушачи доаѓа до изострување на сетилото за вкус. Така, храната ќе ви мириса попривлечно и ќе ви биде повкусна, па логично е да сакате да јадете повеќе.

Желба за пронаоѓање на нов извор на задоволство. Пушачите уживаат во повлекувањето на дим затоа што никотинот го зголемува нивото на допамин (невротрансмитер поврзан со чувството на задоволство) во мозокот. Откако ќе престанете да пушите, ќе имате потреба од замена за цигарите. Висококалоричната храна како колачињата, а исто така и алкохолот, го имаат речиси истиот ефект. Па, нормално е по откажувањето на цигарите да имате зголемена желба за слатка и мрсна храна или алкохол.

Празни раце и уста. Пушењето ви ги држи устата и рацете зафатени, па по откажувањето ќе чувствувате дека нешто ви недостига. Јадењето е најчестата замена за пушењето бидејќи ги ангажира и рацете и устата.

Користење на храната како замена за цигарите во моментите на стрес и здодевност. Бившите пушачи често ја користат храната како замена за цигарите, па јадат во моментите кога треба да се справат со стрес или здодевност, дури и ако не чувствуваат глад.

Продолжува на следната страна...

13 СОВЕТИ КАКО ДА ГИ ОТКАЖЕТЕ ЦИГАРИТЕ БЕЗ ДА СЕ ЗДЕБЕЛИТЕ

За полесно да ги откажете цигарите без да се здебелите, мислете позитивно и следете ги следниве совети:

Не ги откажувајте цигарите за време на празници. Луѓето многу повеќе јадат за време на празниците (Нова Година, Божиќ, Велигден), а освен тоа и повеќе се дружат, па ако сте опкружени со пушачи, потешко ќе ја изгаснете желбата за цигара.

Направете си план. Планот кој треба да го направите пред да ги откажете цигарите треба да содржи: список на активности кои ве тераат да пушите, список на активности со кои ќе си го пополните времето во кое обично пушевте, список со здрава храна која ќе ја консумирате, список со физички активности што ги обожавате итн.

Каде и да одите, носете си шишенце со вода. Пиењето на вода ќе придонесе да се чувствувате полни, ќе ви го намали апетитот и ќе ви ги зачува рацете зафатени. Ако сте во друштво на пушач, пијте често по една голтка од шишето за полесно да ја потиснете желбата да му се придружите во пушењето.

Избегнувајте го алкохолот. Контролирајте ја вашата желба за пиење на алкохол, затоа што алкохолот е висококалоричен, па неговото прекумерно консумирање може да ви донесе зголемена тежина. Освен тоа, желбата за цигара кај повеќето бивши пушачи се зголемува многукратно кога консумираат алкохол.

Забранете си ги строгите диети. Ако се обидувате да ослабите во истото време кога ги откажувате цигарите, вие ќе треба да се справувате со два предизвика истовремено, а тоа го зголемува ризикот од неуспех. Поставете си приоритет да ги откажете цигарите, а потоа ќе се грижите за вашата линија.

Имајте на дофат на рака здрави „грицки“. Чувајте во фрижидерот исечкани зеленчуци (краставици, моркови или пиперки исечкани на долги ленти). Кога ќе посакате да ставите нешто в уста, наместо да се свртите кон чоколадото или големото пакување чипс, земете зеленчук. Не само што ќе внесете добра доза витамини и минерали, туку и ќе внесете помалку калории. Важно е да ги складирате зеленчуците исечкани, бидејќи ако допрва треба да ги миете, лупите и сечкате, веројатно ќе изберете да каснете нешто што ви е полесно за консумација (чипс, чоколадо и сл.).

Јадете мали оброци повеќепати во денот. Колку почесто се храните, толку помалку ќе чувствувате глад. Но, имајте на ум дека оброците треба да вклучуваат мали порции. Внимавајте при изборот на храна и обидете се да му одолеете на искушението за консумирање на висококалорична храна. Внесете повеќе зеленчук и овошни плодови во вашата исхрана, не само затоа што се здрави, туку и затоа што им даваат лош вкус на цигарите.

Изберете здрава ужина. Кога ќе ве нападне глад во периодот меѓу оброците, изберете нискокалорична и здрава ужина како свежо овошје, пуканки без путер или чаша јогурт со низок процент на масти.

Бидете физички поактивни. Редовното вежбање не само што согорува калории, туку и ја уништува желбата за цигара. Истражувањата покажуваат дека луѓето кои вежбаат додека ги откажуваат цигарите качуваат помалку килограми или воопшто не се здебелуваат, а имаат и двапати поголеми шанси да ги откажат цигарите отколку оние кои не вежбаат.

Дајте им „занимација“ на рацете и устата. Потребата да имате нешто во рацете или во устата не мора да ја задоволувате само со јадење. Можете да си набавите гуми за џвакање, бонбони или лижавчиња без шеќер.

По оброкот, наместо да запалите цигара, измијте си ги забите. Сите пушачи особено уживаат во цигарата запалена по оброкот. Во таа ситуација, најдобриот начин да избегнете да запалите цигара е да станете и да си ги измиете забите. Не заборавајте дека желбата за цигара трае само неколку минути, па додека си ги измиете забите, ќе заборавите на цигарите. Покрај тоа, чистите заби ќе ви ја уништат и желбата да „поткаснете“ уште нешто, како замена за цигара.

Не безделничете – постојано бидете зафатени. За да си го одвлечете вниманието од цигарите, останете зафатени. Физичките активности како пешачење или исполнување на домашните обврски не само што ќе ве оттргнат од јадењето, туку и ќе ви помогнат во процесот на согорување на калории. Ви доаѓа да запалите цигара? Станете и поминете го подот со правосмукалка. Така ем нема да пушите, ем ќе согорите дополнителни калории.

Секојдневно потсетувајте се колку ви е подобро што сте ги откажале цигарите. Наведувајте си причини како „Многу подобро дишам“, „Имам повеќе кондиција“, „Си го подобрувам здравјето“, „Ноктите ми стануваат побели“ и сл.

За крај... Не се преокупирајте со тежината, дури и ако почувствувате дека фармерките ви стануваат потесни. Зголеменото стомаче не треба да ве поттикне да посегнете повторно по цигарите. Многу поважно е вашето здравје. Прво успешно откажете ги цигарите, а откако ќе се стабилизирате, ќе можете да се сконцентрирате на губењето на добиените два-три килограми.