Совет за безбедност: Можно продолжување на вонредната состојба

Нова седница на Советот за безбедност ќе биде одржана денеска на пладне во Кабинетот на шефот на државата на која се очекува одлука за продолжување на вонредната состојба. Според најавите, одлуката ќе биде дека вонредната состојба треба да се продолжи за уште 30 дена.

Денеска истекува 30-дневната вонредна состојба во Македонија, која беше прогласена со одлука на претседателот Стево Пендаровски на 18-ти март годинава, заради заштита и справување со последиците од ширењето на вирусот Ковид-19.

Предлог за продолжување на вонредната состојба до шефот на државата достави Владата со образложение дека за успешно справување со корона вирусот е потребна вонредна состојба. Претседателот Пендаровски неодамна изјави дека одлуката ќе биде во насока да се прогласат нови триесет денови вонредна состојба.

-Мислам дека шансите се извесни или големи да се прогласат нови 30 дена вонредна состојба, бидејќи состојбите побаруваат ваков ангажман од сите институции и ваков тип на состојба, рече Пендаровски.