Сопствениците на миленичиња добија нов распоред за шетање кој важи за овој викенд

Согласно новото време за ограничено движење Владата денеска донесе измени во однос на отстапките за граѓаните што имаат домашни миленици (куче), според што од понеделник до петок може да ги изнесуваат надвор од своите домови во временскиот период пред започнување на забраната и посебниот режим на движење, односно до 19:00 часот.

Во соопштението испратено од владата се вели дека во сабота домашните миленичиња може да се изнесуваат во времетраење од 30 минути, во вечерните часови, односно од 20:00 часот до 20:30 часот, а во недела наутро од 8:00 часот до 8:30 часот, попладне од 15:00 до 15:30 часот и во вечерните часови од 20:00 часот до 20:30 часот.

Притоа, како и до сега, ова е дозволено граѓаните да го прават најмногу до 100 метри од објектот во кој живеат и да го задржат минимум потребното растојание од останатите лица и да не се групираат, додаваат тие.