Сообраќајниот и урбаниот хаос, проблемот со паркирањето, преголемата висина на објектите се едни од проблемите во општина Центар

Сообраќајниот и урбаниот хаос, проблемот со паркирањето, преголемата висина на објектите се едни од проблемите во општина Центар за чие решавање одговор бараа советниците и претседателот на Советот, Јана Белчева-Андреевска.

– Ниту општина Центар, ниту било која друга општина, со актуелното законско решение во текот на градба од страна на надзорот, врши контрола само еднаш – при приемот на објектот. Надлежните служби од општината предлагаат измени во Законот со кои општината ќе може да прави технички прием и инспекција во текот на целото градење. Со измените се бара и можност доколку е тоа во јавен интерес, да може да се намали габаритот на градбите со носење на нови ДУП-ови – одговори градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ.

На прашањето од советниците за забрана на сообраќај на одредени улици, Богдановиќ појасни дека мора да се направи сообраќаен проект кој ќе биде прифатен од надлежните.

– Ќе работиме на решенија да се намали или избегне сообраќајот секаде каде е тоа можно. Општина Центар во 2012 година донесе 20 урбанистички планови, потоа беше донесен и Генералниот урбанистички план (ГУП) и од тогаш се јавуваат главните проблеми во Центар. Со двата мораториуми кои ги изгласа Советот, ќе се добие јасна слика што и како е градено за да не се повторуваат истите грешки во новите ДУП-ови – рече Богдановиќ.

Градоначалникот писмено ќе одговори на прашањата за тоа колку барања се доставени за време на првиот и вториот мораториум, а за колку од нив, во периодот помеѓу двата мораториума има издадено одобренија за градење, како и за финансиските импликации на мораториумот.

– Забрзано се работи и на изготвување на нови ДУП-ови, а наредната недела два ДУП-а ќе бидат доставени до Советот – информираат од Центар.

Во врска со проблемот со владеење на неизграденото градежно земјиште со кој се соочуваше претходниот состав на Советот, Боградовиќ рече дека поради опструкциите од тогашната централна власт, ќе биде надминат. Богдановиќ рече дека овој процес брзо ќе заврши бидејќи веќе е почнато трансформирањето на градежното земјиште.

Богдановиќ информираше и за работите на основното училиште во Капиштец кои, рече, се одвиваат со предвиденото темпо.

– Комплетно, училиштето ќе биде готово во мај 2019 година. До крајот на овој месец ќе бидат подготвени новите простории за децата со посебни потреби, за кои се предвидени многу подобри услови во новото училиште – рече тој.

Беше најавена и реконструкцијата на улицата “Ѓуро Ѓоновиќ” во Маџир Маало.

– За десетина дена се чека одобрението од општина Аеродром, бидејќи дел од улицата е под нивна надлежност – рече Богдановиќ.

Исто така, тој информира дека општина Центар започна акција со која на сопствениците на тераси и урбана опрема им се бараат елаборати и дозволи.

– Доколку ова не се добие во одреден рок, ќе се пристапи кон нивно отстранување. Ова е голем наследен проблем – рече Богдановиќ.