Со зголемената минимална плата, ќе се подобри ли стандардот на работникот и ќе се намали ли сиромаштијата?

Од овој месец ниту еден вработен во државава нема да добива плата помала од 14.500 денари. Владата очекува со ова зголемување да се подобри животниот стандард на работникот, а и да се намали сиромаштијата. Но, дали на тоа се надеваат оние кои се најмногу погодени.

Текстилците и понатаму не веруваат во оваа, се до моментот додека не се појави некој закон кој ќе ги заштите целосно, за да не враќаат дел од платата назад на работодавачот.

- И претходно имаше покачување на минимална плата, но ние земавме толку колку што ќе заработиме. Платени сме од час. Јас, не се сеќавам кога последен пат имам земено повеќе од 10.000 денари. Во банка пуштена минимална плата, а дел од истата треба да се врати назад. Кој закон? Кој не штити нас. Така, ние не веруваме ниту во оваа, вели Даниела вработена во чевларска фирма.

- Јас работам во маркет како продавачка. Плата 12.000 денари, ни денар повеќе. Уште кога се спомна за овој закон, газдата беше отворен и ни рече да не се радуваме залудно, толку можел, вели Наташа.

Значителен товар за 2/3 од работодавачите кои исплаќаат минимална плата ќе донесе зголемувањето на 14,500 денари, додека кај 1/3 ќе се формализира досегашното давање плата во плико.

Според анализите кои ги направи Фајнанс Тинк, максимумот за да не се загрози продуктивноста беше зголемување до 13,500 денари. Затоа бара Владата уште еднаш да ја преиспита одлуката , согледувајќи ги реалните состојби во економијата, но и покрај тоа, платата ќе се покачи на 14.500 денари.

Владата да внимава со зголемување на минималецот препорачаа и од Светска банка. Без пораст на продуктивноста, платите не можат да растат.

Арегументот за Владата за зголемување на минималецот е дека мора да се задржат работниците, да се спречи иселувањето од земјават,  затоа што работна сила има се помалку.

Очекуваат со порастот на минималецот да се зголемат и останатите плати, за да не се намали мотивираноста и продуктивноста и кај овие работници.