Со завршено основно образование примаат месечна плата од над 40.000 денари

Близу 600 вработени во државата кои имаат завршено само основно образование примаат месечна плата од над 40.000 денари. Од друга страна, за работа што ќе им обезбеди толкави примања мечтаат само половина процент од невработените, иако меѓу нив има и магистри и доктори на науки.

Најголемиот дел, односно повеќе од една третина од лицата кои бараат работа би се задоволиле со плата меѓу 12.000 и 16.000 денари, колку што впрочем примаат најголем дел од вработените во Македонија, покажува Анкетата на работната сила што ја направи Државниот завод за статистика.

Според таа анкета минатата година е завршена со 723.550 лица во работен однос. Од нив најслабо платени, со примања до 5.000 денари се 18.570. Најголемиот дел, или 144.583 имаат плата меѓу 12.000 и 16.000 денари, а 121.693 месечно заработуваат од 16.001 и 20.000 денари, суми што се под државниот просек. Плата до 40.000 денари добиваат 17.776 вработени, додека најмалубројни, 10.876, се лицата кои секој месец инкасираат над 40.000 денари. Меѓу најдобро платените работници поголемиот дел, односно над 7.000 се со високо образование, вклучувајќи и магистри и доктори на науки. Сепак, статистичарите избројале и 567 лица кои работат со диплома за завршено основно образование, а месечно примаат повеќе од 40.000 денари. Меѓу работниците на чии сметки секој месец легнуваат такви суми има и нешто над три илјади лица со средно образование.

Незадоволни од платата и од условите за работа, поради што бараат нова работа, според анкетата, се околу 21.000 вработени, кои се само дел од вкупно 39.000 лица со намера од некоја причина да го сменат работното место. Во потрага по ново работно место се над 7.700 сезонски работници, како и околу 1.000 лица кои се плашат дека може да ја изгубат работата што ја имаат.

Нова работа, содветна на образованието си бараат 5.841 вработен и речиси сите тие се со најмалку завршен факултет, а 2.800 сакаат да го сменат работното место за да имаат поголем фонд часови, поточно да работат со полно наместо со скратено работно време. Дополнителна работа им треба да 618 лица. Задоволни со тоа што го имаат изгледа се само вработените без образование. Единствено меѓу нив нема такви кои во анкетата се изјасниле дека бараат нова работа.

Инаку, само пет проценти од вработените во државата работат со скратено работно време, додека останатите 95 проценти се со полн фонд на часови. Прекувремено ангажирани на работното место се нешто помалку од 10.000 лица, од кои повеќето во текот на една работна недела одработуваат дополнителни шест до 10 часа.

Според образованието, најголем дел од вработените се со три и четири години средно образование и нивното вкупно учество е 54,5 отсто. Статистичарите преку анкетата откриваат и дека 23,9 отсто од вработените се со високо образование, а од нив поголемиот дел, или 12,4 проценти се жени.

Во вкупната бројка од 723.550 вработени во државата на крајот на мината година, според анкетата на ДЗС 133.777 работници биле ангажирани на црно, од кои над 90 илјади мажи. Од невработените, пак, од барање работа кренале раце близу 24.000 лица, обесхрабрени и убедени дека нема да ја најдат.