Со просечна плата до нов автомобил?

Македонските возачи со просечната плата тешко може да си дозволат да купат нов автомобил.

Најевтините модели чинат нешто помалку до 10.000 евра и тоа со доста сиромашен пакет дополнителна опрама, без клима и радио.

Тоа е вообичаено мал автомобил без многу простор за патници и багаж и со ниска кубикажа. За возило од средна класа треба да се одвојат од 15.000 до 18.000 евра или да се земе кредит чија месечна рата нема да биде под 200 евра, сума која тешко кој може да ја исплаќа со просечна плата.

Токму ова покажува зошто кај нас се најпопуларни половните возила по цена од 3.000 до 5.000 евра, кои најчесто се увезуваат од Германија, Италија, но и од други европски земји.

Статистиката покажува дека од странство во нашата земја во последниве неколку години влегуваат и до 30.000 користени возила, додека во исто време се увезуваат едвај 4.000 нови автомобили. Драстичниот пад во продажбата најдобро го илустрира споредбата со рекордната 2008 година кога авто- дилерите истргувале 17.744 нови возила.