Со претставата „Лажговци во неволја“ од Софија вчера почна меѓународниот фестивал на комедијата „Гола Месечина“

На отворена сцена поставена во спортскиот центар „Ново Лисиче“ пред околу 1.000 гледачи вчера, 19.6.2017 година, со претставата „Лажговци во неволја“ од Ентони Нилсон во режија на Здравко Митков во продукција на Сатиричен театар „Алеко Константинов“ од Софија, Република Бугарија почна четвртиот по ред Меѓународен фестивал на комедијата „Гола месечина“.

Претставата со која се отвори фестивалот, всушност, е приказна во која полицајците Гобел и Блант имаат тешка задача - точно на Бадник на еден постар брачен пар да им соопштат дека нивната ќерка загинала во сообраќајна несреќа. Мајката покажува мошне чудно и ексцентрично однесување, а таткото е со многу слабо срце, па затоа двајцата полицајци влегуваат во комични, но трогателни обиди за што побезболно да им ја соопштат ужасната вест.

Во осумте фестивалски дена, поточно до 26-ти јуни, публиката ќе има можност да види вкупно седум претстави од театри од земјава, но и од гостите од Бугарија, Србија и БиХ.

Вечерва, 20.6.2017 година (вторник) на репертоарот е претставата АТЕНА СО ПЕНИС од Александар Русјаков во режија на Синиша Евтимов во продукција на Драмски театар Скопје, Македонија.

Претставата се занимава со Виктор Велков (Рубенс Муратовски), просечен, средовечен македонски „шалабајзер“ и самоповикан гуру на турбофолк сцената. Виктор живее лесен, удобен и безгрижен живот, а ненадејната смрт на татко му и очекуваното наследство, ветуваат уште побезгрижни денови во иднина. Но, како што обично бива, на читањето на тестаментот работите добиваат сосема неочекуван тек. Обидувајќи се да извлече максимум од новонастанатата збунувачка ситуација, Виктор презема низа дејствија врз кои бргу губи секаква контрола…

Сите претстави почнуваат во 21:00 часот, а влезот за граѓаните е бесплатен.