Со 500 евра казнет сопственик за напуштање на миленик

Петстотини евра казна во денарска противвредност изрече Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) на неодговорен сопственик кој го напуштил својот миленик – куче, во рамки на зајакнатите инспекциски контроли за справување со неодговорните сопственици на миленици. Во конкретниот случај, казната е изречена врз основа на поднесена претставка од невладина организација за заштита на животните, која го вдомила кучето, а која по неколку месеци, истото го нашла напуштено заедно со уште три кучиња, нејзин подмладок.

Лицето пред инспекциските служби на АХВ потврдило дека бил сопственик на кучето кое не било микрочипирано, а за кое тврдел дека подолго време е изгубено, зашто немал поднесено пријава.

По пронаоѓањето, кучката која според претставниците на невладината организација чека вдомување во Англија, била повторно згрижена од нивна страна и стерилизирана, а нејзините кучиња се вдомени.

Aгенцијата за храна и ветеринарство апелира до сопствениците на домашни миленици, до крајот на годинава да ја искористат можноста и бесплатно да ги микрочипираат милениците во рамки на кампањата за бесплатно микрочипирање која почна во септември минатата година, а чии активности се реализираат во рамки на тригодишната Стратегија за благосостојба на животните на АХВ. За оваа намена, обезбедени се бесплатни 100 илјади микрочипови за домашните миленици.