Случај на туберкулоза на Педагошкиот факултет

Меѓу студентите на Педагошкиот факултет се појави случај на туберкулоза. По дојавата за овој случај, секој што бил во контакт со ова лице бил прегледан од медицински служби за да се утврди дали има опасност од ширење на оваа заразна болест.

Од Ин­ститу­тот за бе­лодробни заболувања и туберкулоза велат дека потребните мерки се преземени и засега нема причина за паника.

- Нашите служби ги преземаат сите мерки на претпазливост, тие известуваат, информираат и прегледуваат. Засега нема причина за паника - велат од Институтот.

Од Педагошкиот факултет велат дека факултетските активности се одвиваат со нормално темпо и дека институтот уредно отишол на факултетот за да ги изврши прегледите.

- Немаше потреба од прегледи врз целиот персонал, оти, нели, на ризик се изложени само оние што дошле во контакт со лицето. Затоа и беа прегледани секој професор и студент од таа катедра каде што студира лицето – изјавија од факултетот.

Познато е дека туберкулозата е излечива болест што ја предизвикува инфекција со бактеријата микобактериум туберкулосис. Болеста вообичаено ги оштетува белите дробови, но некогаш може да им штети и на други делови од телото, како лимфните жлезди, бубрезите, коските. 

- Оваа болест е длабоко вкоренета кај популацијата каде што човековите права и достоинство се ограничени. Иако секој може да се зарази од туберкулоза, болеста почива меѓу луѓето што живеат во сиромаштија, заедници и групи што се маргинализирани и преостанати ранливи групи што вклучуваат: емигранти, малцинства, бегалци, рудари и други групи што работат и живеат во лоши услови, додека клучни фактори се: неухранетост, лоши станбени услови и нехигиена. Се додаваат и други фактори на ризик како што се: тутун, алкохол, дијабетес, кои влијаат на ранливоста на туберкулозата и пристапот до здравствената заштита. Покрај сето ова претстојат и големите трошоци за лекување поврзани со болеста, како и недостиг од социјална заштита - пишува Институтот за јавно здравје.

Туберкулозните бактерии се пренесуваат преку воздухот кога лицето со туберкулоза во белите дробови или грлото кашла, кива, или зборува, испуштајќи мали капки во воздухот. Овие капки може да ги вдишат други лица и така да се заразат со болеста. Повеќето луѓе се заразуваат со туберкулоза од лице со кое поминуваат многу време заедно, односно многу невообичаено е да се добие туберкулоза од лице по краток или случаен контакт. Туберкулозата не се пренесува преку предмети што се користат во домаќинството, како прибор за јадење, садови или телефони. 

 

Извор: новамакедонија.мк