Скопски пазар става клуч на своите маркети

Скопски пазар во вторникот ја информираше јавноста дека престануваат со работа дел од продажните објекти кои оваа компанија ги имаше во главниот град.

„Ја известуваме јавноста дека Скопски пазар АД Скопје согласно определбите на Друштвото за изнаоѓање прифатливо деловно решение за состојбите во дејноста трговија, како и стратешката определба на менаџментот на Друштвото да се одбегнат можните ризици во дејноста трговија и да се обезбеди и унапреди деловниот капацитет на Друштвото во целина, има превземено конкретни активности за укинување на преостанатиот дел од регистрираните продружници на СКОПСКИ ПАЗАР АД Скопје кои обавуваат трговија на мало во неспецијализирани продавници, претежно со храна, пијалоци и тутун„  се вели во соопштението објавено на нивната страна.

Според информацијата клуч на врата ќе биде ставено на следните подружници:

  • СП Маркет 4 Чаир, со седиште на ул.Ќемал Сејфула бр.5 Чаир, Скопје;
  • СП Маркет 11, со седиште на ул.Иван ХаџиНиколов бр.12 Драчево-Кисела Вода, Скопје;
  • Макси-Д Дисконт 3, со седиште на ул.Атанас Митрев бр.3А Аеродром;
  • Макси-Д Дисконт 5, со седиште на ул.Шуто Oризари бр.55 Шуто Оризари, Скопје;
  • СП Маркет 8, со седиште на ул.Руѓер Бошковиќ бр.3А Карпош, Скопје;
  • СП Маркет 10 Бутел, со седиште на ул.Александар Урдаревски бр.15 Бутел, Скопје;
  • СП Маркет Расадник-Кисела Вода, со седиште на ул.Народни Херои бр.12 , Скопје.
  • СП Маркет 1, со седиште на ул.Ѓорче Петров бр.7 Ѓорче Петров, Скопје;
  • СП Маркет 13 Автокоманда, со седиште на ул.Бапчор бр.4 Гази Баба, Скопје и
  • СП Маркет 9 Тафталиџе, со седиште на ул.Московска бр.15 Карпош.

Истовремено од компанијата информираат дека во рамките на Секторот за трговија и угостителство, има регистрирано и организирано подружници ФРЕСКО за продажба на мало на храна - готвени јадења, бели пецива и сокови, кои и понатаму ќе ја развиваат трговијата на мало со храна и пијалоци.

„Скопски пазар АД Скопје останува и во иднина посветен кон својата деловна ориентација: Издавање на деловен простор, недвижности и пазари и трговија на мало во неспецијализирани продавници, претежно со храна, пијалоци и тутун.“ - додаваат тие во соопштението.