Скопски цветен фестивал во Паркот Македонија

Градот Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“ на 27 и на 28 мај во Паркот Македонија, наспроти „Веро 2“ во Тафталиџе, ќе го организираат четвртиот по ред Скопски цветен фестивал 2017.

Скопскиот цветен фестивал е мултимедијална манифестација која по четврти пат на едно место ќе ги собере љубителите на цвеќето, природата, уредувањето на просторот, креативците и професионалците од областа на хортикултурата.

Според официјалната програма, посетителите на фестивалот, во текот на двата дена, ќе имаат можност да погледнат и да купат цвеќе и цветни аранжмани, да учествуваат во работилници за цртање, садење цвеќе, изработка на цветови од хартија, цртање на текстил, ќе можат да добијат совети, консултации и идеи поврзани со уредувањето и одржувањето на цвеќето и зеленилото, да се дружат на отворено и да се забавуваат.

Фестивалот ќе го збогатат голем број изложувачи, меѓу кои Флораком, Green planet, Хорти експерт, Пинар С, Хорти дизајн, Китка, Биро проект, Цвеќарница „Дамбо“, Цвеќарница „Жереми Про“, Хербалајзер, Кактус гарден, Indoor garden, Фоја, Шумарскиот факултет, СУГС „Георги Димитров“, СУГС „Браќа Миладиновци“, СУГС „Здравко Цветковски“, ДСУ „Лазар Личеноски“ и Аквамонт.

За во забавниот дел од фестивалот се најавуваат многубројни изведувачи и музички групи.