Скопје 63-виртуелни изложбени тури

Утре во Музеј на град Скопје, во 20 часот, во рамките на одбележувањето на 53 години од катастрофалниот замјотрес во Скопје, градоначалникот Коце Трајановски ќе ја отвори изложбата „Скопје 63-виртуелни изложбени тури“.

Градот Скопје и неговите жители одбележуваат 53 години од трагичниот Скопски земјотрес, кој го разори Скопје, однесе многу животи и остави лузни,пустош и тага зад себе. Откако веста за оваа катастрофа го обиколи светот, меѓународната заедница, односно сите земји во светот, ја започнаа акцијата за помош. Но, и по сета таа катастрофа, човечките вредности, хуманоста, солидарноста, меѓуетничкиот соживот дадоа импулс за интензивирана градителска посветеност и помош за развој и истите беа на највисоко ниво, во размери невидени дотогаш во историјата.Скопје стана град на Интернационалната солидарност.

Во Музејот на град Скопје, кој е нем споменик на тоа време, секоја година се навраќаме и се сеќаваме на тој настан,прикажувајки пред јавноста одделни теми кои откриваат детали од Скопје пред земјотресот, за време на земјотресот и по катастрофата. Во изминатите години Музејот создаде импресивна збирка на предмети, фотографии, филмски записи, архивски документи кои беа прикажувани на годишните времени изложби организирани секој 26 јули.

Имајќи во вид дека презентирањето на меморијата за настаните врзани со Скопскиот земјотрес е неопходно да биде што подостапна за генерациите млади луѓе родени после земјотресот, така што и самите имаат недостиг од сопствена меморија врзана за катастрофата, Музеј на град Скопје конципираше поинаков изложбен модел од досегашниот. Новиот концепт е моделиран базирајќи се врз дигиталните технологии кои се разбирливиот јазик на младите генерации, односно годинава Музејот започна со дигитално-виртуелно претставување на конвенционалните изложбени концепти, со што ќе им понуди на граѓаните многу поголем број информации. Виртуелниот концепт на претставување на музејскиот материјал ќе биде постојано надополнуван со нови идни концепти со што ќе се создаде база за создавање на Виртуелен музеј на 26. Јули.На тој начин сите информации и предмети кои Музејот на град Скопје ги собираше изминативе години ќе бидат достапни за граѓаните на светот еднакво како и за граѓаните на Македонија, презентирани на неколку светски јазици.

Изработени се виртуелни изложбени тури со 360* приод до 4 конвенционални изложби, каде што посетителите на веб страниците на Музеј на град Скопје и на Град Скопје, ќе имаат можност интерактивно да ги одбираат и разгледуваат содржините по сопствен избор во текот на целата година. Направен е избор од 4 изложби во продукција на Музеј на град Скопје на следните теми:

2006- Граѓаните на светот за граѓаните на Скопје ;

2009-Скршениот град;

2013-Скопје 63-одбележување на 50 години од земјотресот;

2014-Скопје 63 –Филмска хроника на едно време;

Изложба 1-Продукција 2006- Граѓаните на светот за граѓаните на Скопје

Скопје е град на солидарноста. По земјотресот на 26 јули во 1963 година, хуманоста и желбата да се помогне, се слеа од различни локации од целиот свет, и од тогашната татковина СФР Југославија.

Од правта на земјотресот во еден кус период се подигнаа нови населби и објекти од јавен карактер, со несебична помош на народи и влади на држави од сите меридијани на светот. Се врати оптимизмот и надежта на овој град, а собраниот и обединет свет, со неизмерна верба и љубов, помогна во градењето на новото Скопје, кое стана симбол на човековата пожртвуваност, хуманост и солидарност.

Изложба 2-Продукција 2009-Скршениот град

Преку стари разгледници отсликано е Скопје пред 1963 година, за време на катасрофалниот земјотрес и непосредно по него, како и дел од објектите од обновеното Скопје. Преку оваа изложба претставени се последиците на катастрофата врз секојдневното живеење и граѓаните, како и врз архитеконскиот амбиент. Солидарноста од целиот свет во спасувањето на граѓаните, но и во изградбата на ново Скопје е од особено значење, што неизоставно е дел од претставувањето и на оваа изложба.

Изложба 3-Продукција 2014-Скопје 63 –Филмска хроника на едно време

Изложбата е подготвена по повод одбележувањето на 26 јули – денот на скопскиот катастрофален земјотрес од 1963 година, и 50-годишнината од премиерната изведба на документарниот филм „СКОПЈЕ ’63“ во режија на Вељко Булајиќ.

Изложбата содржи историски податоци за времето на настанувањето на филмот проткаени во скопската приказна за летото ’63, и проследени со избран фотографски материјал кој ни го прикажува снимањето на филмот, како и селектирани кадри од истиот, низ еден хронолошки ред на настаните- од урнатини до враќањето на животот во него.

Филмот постигнал светска слава. Го нашол своето место на најреномираните филмски фестивали во 60. години на минатиот век, а на неколку од нив добил престижни награди.

Изложба 4-Продукција 2013-Скопје 63-одбележување на 50 години од земјотресот;

Изложбата низ предмети и фотографии ни пренесува информации за земјотресот низ неколку сегменти, почнувајќи од првите мигови по катастрофата, сè до изградбата на првите монтажни населби во коишто, пред почетокот наз имата, беа сместени бездомните скопјани до почетокот на 1964 година. Изложбената содржината е презентирана преку следните тематски целини: Први мигови по земјотресот, Културното богатство во урнатини, Спасување на затрупаните, Евакуација, Тито во Скопје (27 јули 1963), Скопје во југословенскиот и странскиот печат, Солидарност, Скопје – Град под шатори, Хрушчов во Скопје (22 август 1963),

Расчистување на урнатините, Санација на објектите, Приградски населби и ООН.

Во амбиентот на салата се сместени повеќе оригинални музејски експонати со историска и етнолошка содржина, од кои најголем дел биле донирани од граѓани на Скопје.

Благодарение на соработката на Музејот на град Скопје со Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет – Скопје, и на соработката со Кинотеката на Македонија, Црвениот Крст на град Скопје, како и Амбасадата на Шпанија, Амбасадата на Бугарија и Генералниот конзулат на Кралството Данска, изложбата е исто така, збогатена со предмети што ги надополнуваат информациите за скопската трагедија.