„Скопјанизација“ на Македонија – сите во Скопје

Демографските показатели во последната публикација на Државниот завод за статистика на регионално ниво покажуваат разлики кои укажуваат на диспропорции во територијалната дистрибуција на населението.

Најгусто населен е Скопскиот, a најретко населен е Вардарски регион. Разликите се евидентни и во старосната структура на населението. Најголемо учество на младото население (0-14 години) има во Скопскиот, а најмало во Источниот регион.

Учество на старото население (65+) е најголемо во Пелагонискиот, а најмало во Полошкиот регион. Показателите за просечната старост на населението ја потврдуваат ваквата констатација. Разликите се гледаат и во бројот на родените и умрените лица.

Во Вардарскиот, Источниот и Пелагонискиот регион, како резултат на неповолната старосна структура и нискиот фертилитет, бројот на умрените го надминува бројот на родените.

Индексот на просечната исплатена нето-плата по вработен во 2016 година, во однос на 2015 година, изнесува 102.0. Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната исплатена нето-плата по вработен во: Полошки регион (4,2%), во Југоисточен регион (3,3% ) и во Источен регион (2,6%). 

Според податоците во последната публикација за регионите во Македонија која ја објави Државниот завод за статистика, највисок просек на исплатена нето-плата по вработен за 2016 година, во однос на вкупниот просек во Република Македонија, е забележан во Скопскиот регион (17,5%), а најнизок просек на исплатена нето-плата по вработен за 2016 година, во однос на вкупниот просек во Република Македонија, е забележан во Источниот регион (25,3%).