Скопјани лошо ја прифатија веста дека лице со попреченост може да се вози во ЈСП со куче придружник

Во европските метрополи со куче е дозволено да влезеш во маркет, да пиеш кафе и да појадуваш во ресторан или кафуле, да влегуваш во шопинг центри, во банки и во многу други институции. Каде е Македонија во овој поглед? 

Изминатиот ден од ЈСП Скопје излезе информација дека лицата со посебни потреби ќе можат да се возат со куче придружник во автобусите на ЈСП како и во кабините на Жичарницата на Водно.

Од таму ги повикуваат сите патници да се воздржат од негативни реакции доколку се доведат во ситуација да се возат со лице со куче придружник имајќи во предвид дека кучињата се безопасни по околината, тие се специјално дресирани со намена за придружба и движење на посочената категорија лица.

Иако оваа одлука се уште не стапи на сила, уште првиот момент наиде на лоши и остри реакции од страна на голем број скопјани. Со чест на исклучоци има и такви кои ја поддржуваат оваа иницијатива. 

-Никогаш повеќе нема да се качам во ЈПС ако започне ова да се применува. Лицата со попреченост имаат семејства, како може да се движат со кучиња?, е само коментарот на една од многуте скопјанки кои се против оваа одлука. 

-Во тој случај треба да стои табла на автобусот каде што ќе биде известено дали внатре има куче или не и на патниците да им се остави право на извор дали ќе се возат или ќе чекаат нареден автобус, вели друга скопјанка. 

-Зошто моето дете е должно да се вози во автобус заедно со куче? Знаете кога ќе бидат чисти тогаш истите - никогаш...

- А што да правиме ние што сме алергични на домашни миленици? Да пешачиме до работа или за на училиште? 

Претпријатието апелира и до останатите јавни институции, маркети, кина, театри, трговски центри, да донесат соодветна одлука, а со тоа автоматски да се вклучат во подигнување на јавната свест за отворени врати и слободен пристап на кучињата придружници на лицата со хендикеп.