Скопјанец раскажува: Работев и градев цел живот за подобра иднина на моите деца, а денеска живеам сам – сите се во странство

Дедо Раде е од Маџари, пензионер кој има 80 години. Живее сам. Неговата сопруга починала пред 10 години, има 4 деца, а никој нема до него, сите се во Германија.

Тој ја раскажува својата приказна, како цел живот работел, се мачел, градел 4 куќи, за да им обезбеди подобра иднина на своите синови,  а тие иднината ја планираат некаде далку од тука, во Германија.

-Јас цел живот сум градежен работник. Знам се да работам кога е градежништвото во прашање. Со сопругата уште кога се венчавме, се преселивме тука во Маџари. Направивме нова куќа, Господ ни подари 4 машки деца. Бев многу среќен. На тоа време многу беше важно да имаш барем едно машко дете во куќа, во смисла дека утре кога ќе остариш нема да си сам. Ќе има некој до тебе, кој да ти помага, кој да те чува. Но со текот на времето како идат години сфаќаш дека не е се така. Моите деца сите се со факултет. Делев од себе, им давав за да учат. Но, залудно. Двајцата може да најдат работа и се вработија, но сепак земаа мали плати, а двајца ни воопшто не се врабоотија според тоа што го имаат завршено. Еден од нив прво замина во Германија да рабооти, и таму и остана. Со текот на годините ги повлече и другите браќа. Сите заминаа таму. Ние со сопругата останавме тука сами. Сами во тага. Чувавме 4 деца, имаме 4 снаи и внучиња. На сите четворица градевме домови, но сега на сите четири врати има клуч... Не викнаа и ние да одиме таму, но сепак решивме тука сами да продолжиме надевајќи се дека еден ден ќе се вратат. Не им се лутам што заминале. Знам дека тука е лошо, таму имаат далеку подобри услови за живот. Мојата сопруга поина пред 10 години, и од тогаш јас немам ни со кој да правам муабет. Се уште ме служат нозете добро да одам во друштвата за пензионери се дружам, се релаксирам, одам на екскурзии само за да бидам со луѓе. Моите доѓаат барем 3,4 пати во година на посета и секогаш ме викаат да одам со нив, но не можам јас да ставам клуч на уште едни врата и да си заминат. Јас сум роден тука во Македонија, тука ќе си останам до крај, - ја раскажува својата приказна дедо Раде.