Сѐ што бараш е веќе во тебе

Сѐ е подложно на промени, животните околности се менуваат, луѓето доаѓаат и си одат, а вие секогаш останувате сами со себе и со она што го носите во себе.

Она што го носите во себе е единственото богатство и клуч за успешен живот во сите сегменти. Ако дозволите животните околности постојано да ве вознемируваат, никогаш нема да имате мир, затоа што во животот секогаш нешто се случува и промената е единствената константна.

Вашата среќа треба да биде исклучиво во ваши раце, не дозволувајте околностите или другите луѓе да го контролираат вашето однесување или вашето чувство. Иако полесно е да се каже отколку да се направи, сепак не е невозможно. Најважно е да работите на вашите чувства. Успехот доаѓа со време, упорност и работа на себе, со промена на потсвесните уверувања и шаблоните на однесување и реагирање.

Тоа не значи дека нема да имате предизвици. Ќе има многу предизвици, а вие поинаку ќе реагирате. Спознанието дека сѐ се случува за наше добро, ќе ни донесе мир и прифаќање на моменталните ситуации. Ако нешто не ви се допаѓа, а не можете да го промените тоа, никој не ве спречува да се оддалечувате од тоа, затоа што сѐ што бараме веќе се наоѓа во нас.

Луѓето често се во потрага по среќа, мислат дека некоја ситуација или некоја личност ќе им го донесе мирот кој толку го посакуваат. Но, вистината е дека сѐ се наоѓа во нас, иако таа вистина е закопана под многу слоеви и уверувања кои низ текот на животот сме ги собрале во себе. Среќата, мирот, радоста, задоволството, љубовта, сѐ тоа веќе се наоѓа во нашата душа и залудно е да ја бараме на некое друго место сѐ додека не постигнеме хармонија самите со себе. Љубовта, среќата и радоста ќе ви дојдат затоа што вие сте извор на љубов, среќа и радост. Не можете да ги имате овие работи, доколку и вие самите не сте извор на такви чувства.

Секојдневно повторувајте си: „Јас сум мир, среќа и радост“, а со повторување на оваа реченица ќе успеете да ги промените старите и непотребни уверувања.