Сѐ е добро додека имаш мајка...

Најмногу ги сакам оние ладни, зимски утра, кога се будам и знам дека не морам да одам никаде, па го кревам носот од под јорган и наслушнувам дали се слуша ѕвечкањето на филџаните и ѓезвето во кујна. Да, се слуша. Мајка ми е буда и прави кафе.

Чекам уште малку, склопчена под јорганот, сѐ додека мирисот на кафето не се прошири низ куќата, а потоа скокнувам од кревет и по пижами одам во кујната. Куќата е топла. Мајка ми станала рано, ја заграла куќата, кафето е на маса. Мајка ми е среќна што сум тука и ме дочекува со убави зборови. Ми зборува како да сум мало дете, а мене срцето ми е преполно. Сфаќам колку сум среќна и богата. Сфаќам дека го имам она што многумина го немаат. Мајка.

Топол дом во кој секогаш можам да се вратам. Раце кои секогаш ме чекаат раширени. Сфаќам дека кога мојата душа ќе биде изгребана и уморна од ова ладно сивило на светот, таа секогаш има каде да оди за да се стопли. Има непресушен извор на љубов кој секогаш ја чека неа. Богата сум, среќна сум.

Една пријателка која неодамна остана без својата мајка, еднаш ми рече: „Сѐ е добро додека имаш мајка..“

Сѐ е добро додека ја имам мајка ми, знам, додека во топлата соба, во тоа ладно, зимско утро го пијам првото утринско кафе. Кафе, кое никаде на друго место нема толку добар вкус. И кое токму тука ја загрева душата како ништо друго на светов.