Швалерите ги спасуваат хотелите од пропаст

Краток одмор од неколку часа или т.н. „дневен престој“ е најбараната услуга, која ги спасува од загуба регистрираните 128 хотели во главниот град. Без швалерските услуги, степенот на искористеност на хотелските легла во државава е само 20 проценти, што во светски рамки се смета за разочарувачки малку!

Една третина од вкупно регистрираните 356 хотели во државава се во Скопје. Од тие, 128 хотели во главниот град, некои се хостели или само куќи што издаваат соби. Скопје го следи Охрид, кој има педесетина хотели и хостели. Другите сто и педесетина хотели во земјава се распрскани по другите градови.

Иако бројот на туристите не се зголемува за да има потреба од нови хотели, велат познавачите, Скопје станува хотелски град. Бизнисмените што се занимаваат со оваа дејност велат дека отварањето нови хотели, особено во главниот град, е ризичен потег, кој инвестицијата може да ја дефинира како неисплатлива.

- Неколкуте поголеми хотели во Скопје работат на високо ниво и се многу скапи. Цените им се нереални и затоа помалите хотели сé почесто работат со поголема исполнетост од големите. Во нив сместување наоѓаат туристи на кои луксузот не им е битен.

Меѓу овие туристи се и нелегалните љубовници, кои користат т.н. „дневен престој“ . Тоа е поминато време во хотелска соба, ретко сам, најчесто со партнер, кое хотелиерите го наплатуваат од 700 до 1.200 денари.

- Ваквите швалерски комбинации се барани од лица што сакаат да поминат убави мигови, а тоа од разни причини не можат да го прават јавно. Јасно е за што се работи. Но, муштерии си се муштерии, ние никого не враќаме. Друго не нé интересира - смеејќи се вели сопственик на еден мал хотел од населбата „Црниче“.

Најчесто вакви посети имало за време на викендите, но не биле за потценување и паузите од работа помеѓу 10 и 12 часот.

За ваквите услуги важат неколку непишани правила на однесување. Најчесто мажот ја остава личната карта на рецепција. Се избира најоддалечената соба, која е и најтивка. Дискрецијата е загарантиранана од сите страни.