Што значи да си свештеник во Македонија – едни те презираат, а други гледаат нешто свето во тебе

Својата приказна ја раскажува отец Драги од скопско, кој веќе околу десет години е свештено лице. Татко му бил поп, па така и по некоговите стапки и тој се одлучил на таква професија.

Да бидеш поп во Македонија и не е толку лесно. Можеби само така изгледа од далеку, но вистината е сосема друга, вели отец Драги.

-Пораснав во семејство, каде што татко ми беше поп. Денеска тој е во пензија. По неговите стапки тргнав и јас. Не е класична работа, каде што имаш работно време. Знаеш дека денеска си 8 часа на работа, и едвај да го чекаш последниот час за да си одиш дома. Кога си дома воопшто да не мислиш на работа. Кај нас не е така. Секој ден имаш по нешто ново. Ново искушение, раскажува отецот.

Ако за сите нормални професии недела се смета за неработен ден, за мене не е така. Јас секоја недела наутро морам да сум во црква.

Наидувам на секакви луѓе. Едни ме почитуваат и бараат совети од мене, но има и такви кои ме гледаат со презир.  Едни во мене гледаат лице, преку кое ќе можат да се поврзат со Господ, а некои ме гледаат како лице кое е тука само за пари.

Често се случува кога ќе дојде време за крстење на вода по домовите, некој да ми ги отвори вратите на домот со полно срце, а се случува кај некои да добијам и само пцовки и свртен грб.

Денеска луѓето црквата  и свештениците ги мешаат со политиката. Но, нема политика во тоа ако заминеш во црква и се помолиш за себе и за своите најблиски, вели отецот.

Во целина, како оди време напред можам да кажам дека свеста кај луѓето за црквата се зголемува. Јас не сум долго време свештеник, но откако започнав да работам, до денеска многу работи се сменети. Сменети се луѓето. Сега се случува да сретнам млади лица на улица кои ќе ми се доближат, за да побараат милост. Сакаат да разговараат. Сакаат да си ги кажуваат маките.

Не велам дека и денеска нема такви кои кога ќе ме сретнат на улица ми упатуваат секакви грди зборови, но секој си има право на свое мислење, а црквата не дозволува да ги омаловажуваме.

Црквата каде што јас сум свештеник е селска, стара. Но, за секој празник таа е полна со верници. И млади и стари и деца. Тоа е тоа што ни ја враќа вербата. Верниците се, се побројни, раскажува отецот.