Што се случува кога ќе решите да останете заедно поради децата?

Во денешно време се чини дека се поголем број бракови завршуваат со развод, но сепак се уште постои стигма околу разводот, особено кога во тој процес се вклучени и децата. Многу парови чувствуваат притисок да останат во брак кој не функционира за доброто на децата. Тие ја жртвуваат сопствената среќа за да воспитаат деца кои се добро приспособени на општеството, недопрени од предизвиците кои доаѓаат со разводот. Нивните намерни несомнено се добри, но влијанието не е секогаш позитивно.

Дом со два родители не секогаш носи среќа, безбедност и стабилност. Понекогаш може да се случи токму спротивното.

Има три работи кои треба да ги разгледате доколку сте во ваква ситуација.

Вашите деца ќе го интернализираат вашето меѓусебно однесување

Намерно или не, во умот на вашето дете, вие двајца создавате еден вид на шаблон и пример за тоа како треба да изгледа една врска. Врз основа на вашето меѓусебно однесување, тие ќе научат како да се однесуваат со другите, што да очекуваат од своите партнери: почит или презир, сочувство или инает, интерес или незаинтересираност. Како што напишал Џејмс Болдвин: „Децата никогаш не биле најдобри во слушање на своите постари, но никогаш не потфрлале во нивното имитирање. Погледнете ги вашите брачни избори. Погледнете ги вашите дневни однесувања и разговори. Погледнете кои сте вие и како го живеете вашиот живот. Дали го сакате истото за вашите деца?

Огорченоста ќе се зголемува и наталожува – но не само помеѓу вас и вашиот партнер

Децата секогаш наоѓаат некој да обвинат за своите конфликти и несреќа. Тие можеби ќе застанат на страната на едниот партнер, честа и тажна динамика при развод. Тие можеби ќе одберат жртвено јагне за да го обвинат за тоа што се случува. Но, на крај, сепак ќе се обвинуваат самите себеси за семејните проблеми. Ова може да влијае на самодовербата, да создаде чувство на вина, анксиозност, проблеми со лутина, дури и депресија. Траумата од скршениот дом може да се случи и без развод. Многу семејства живеат така секој ден.

Вашите деца ќе живеат во конфликтен дом

Многу возрасни мислат дека нивните деца се имуни на тензијата во домот која не се однесува на нив. Но, не е така. Без оглед на тоа дали ги слушаат сите детали од кавгата или само ја чувствуваат тензијата, вашите деца знаат многу повеќе отколку што мислите и тоа многу им влијае. Здравиот конфликт е една работа. Ниту еден дом не е секогаш совршен. Повремените несогласувања ќе го научат детето како да се помирува, простува и како да прави компромиси. Но, ако вашиот дом повеќе личи на воена зона, тогаш вашите деца нема да се чувствуваат сигурно и среќно.

Разводот не мора да биде лош збор. Разводот може да биде позитивна работа за многу деца. Ставањето точка на несреќен брак може да ви даде шанса да преземете контрола над вашиот живот и среќа. Ќе ви даде шанса да се излечите, растете и да откриете сила и слика за себе која не сте знаеле дека постои. А кога ќе го направите тоа, ќе ги научите и вашите деца да го направат истото.

Не ги учете децата да се помируваат со помалку. Научете како да создадат најдобра верзија од себеси. Покажете почит кон самите себе, независност и здрави граници. Еден ден тие ќе ви бидат благодарни за тоа.