Што предвидува донесениот закон за јазиците

Со мнозинство гласови, Собранието на Република Македонија денеска го изгласа Законот за употреба на јазиците. Вкупно 69 пратеници гласаа „за“, без ниту еден против или воздржан.

Во второто гласање, пак, на другите етнички заедници, освен македонската, 27 од вкупно 28 пратеници гласаа „за“, додека, пак, еден беше воздржан. Како што појасни претседателот на парламентот, Талат Џафери, овој закон се носи со мнозинство пратеници од помалите етнички заедници.

Предлог-законот за употреба на јазиците содржи 25 члена. Тој предвидува во сите органи на државната власт, како централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии и правни лица што вршат јавни овластувања, службен јазик освен македонскиот јазик и неговото писмо, да биде и албанскиот јазик.

Станува збор за примена во комуникацијата, употребата и во сите постапки на граѓаните пред сите органи што ја сочинуваат државната власт (Собранието, претседателот и Владата, судството, јавното обвинителство), Уставниот суд, народниот правобранител, во изборниот процес, образованието, науката, здравството, културата, при примената на полициските овластувања, радиодифузната дејност, нотаријатот, извршувањето, инфраструктурните објекти, матичната евиденција, личните документи, финансиите, економијата, како и во други области.

Стенограмите од седниците на Собранието и Владата, седниците на работните тела, како и другите материјали и документи, се предвидува да се издаваат и да се чуваат на македонски и на албански јазик. Покрај на македонски, интернет-страниците на институциите треба да бидат и на албански јазик. Називите на институциите и нивните подрачни единици во единиците на локалната самоуправа, во кои најмалку 20 отсто од граѓаните зборуваат службен јазик поинаков од македонскиот, како и во Скопје, ќе бидат напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на албански јазик. Називите ќе бидат со иста големина и фонт, при што називот на македонски јазик и писмо ќе биде напишан прв.

Книжните и кованите пари, како и поштенските марки, ќе содржат симболи што го претставуваат културното наследство на граѓаните што го зборуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и на албански јазик. Истото важи и за поштенските марки, уплатниците, фискалните извештаи издадени од институциите, фактурите, бандеролите. Униформите на полицијата, пожарникарството и здравството во Скопје и во општините каде што живеат 20 отсто Албанци исто така ќе бидат двојазични.

Во судските, управните, извршните постапки, постапка за извршување санкции, предистражни и истражни постапки, кривични и прекршочни постапки, парнични и вонпарнични постапки, како и другите постапки пред судовите, јавните обвинителства како и сите други органи, тела и институции, се применуваат македонскиот и албанскиот јазик. Во постапките пред нотар, нотарските исправи и заверките ќе се издаваат на македонски и на албански јазик.

На граѓаните што зборуваат јазик поинаков од македонскиот помалку од 20 отсто од граѓаните на Република Македонија образецот на личната карта и пасошот се печатат и на јазикот и писмото што го користи граѓанинот. Име на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект во сите единици на локалната самоуправа каде што најмалку 20 отсто од граѓаните зборуваат јазик поинаков од македонскиот, како и во Скопје, ќе се пишуваaт на македонски и на албански јазик.

Заради остварување на целите на овој закон, се основа агенција за примена на јазикот надлежна за стандардизирање и изедначена употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните, со помошни тела за поддршка на институциите. Освен тоа, се предвидува и формирање инспекторат за употреба на јазиците во состав на Министерството за правда. Во предлог-законот предвидена е глоба во износ од 4.000 до 5.000 евра за органите, како и сите други институции за непочитување на одредбите од овој закон. Глоба во износ од 30 отсто од одмерената ќе му се изрече на службеното лице и на одговорното лице за непочитување на законот.