Што научив од моите ученици – наставничка од Скопје која е пред пензија

Наставничката Десанка целиот свој работен век го има поминато во училште, заедно со ученици. Вели дека “низ нејзините раце” има поминато многу деца. Многу деца има научено да пишуваат, да читаат, пред се да зборуваат.

Никогаш не знаеш што ќе ти донесе новиот ден – ја почнува својата приказна оваа наставничка.

Јас мојата професија ја сметам како хумана професија. Јас ја работам од срце, со цела моја душа и сметам дека е една од најхуманите професии кои можат да го облагородат детето и да го натераат чекорчињата да му одат кон училишетото, а не да му се враќаат. Верувам дека до сега имам успеано во тоа. Моите ученици доаѓаат со насмевка во училиште.

Секој ден ти нив ги учиш на нешто ново, а исто и тие тебе. Те учат како е да го гледаш животот низ призмата на дечјите очи. Дека надвор се е убаво, дека луѓето се добри. Дека злото го има само во бајките. Дека давањето на несебична љубов е нешто прекрасно. Дека една насмевка во клупата може да ти смени многу работи. Те учат дека децата се прекрасни. Дека на нив останува светот... Тебе те гледаат како родител. Дали има нешто поубаво од тоа?

Обично кога ќе дојде нова генерација на ученици, ги прашувам дечињата што сакаат да станат кога ќе пораснат. Одговорот е, наставник како вас! Се полни тогаш срцето, а уште повеќе се полни кога тоа после многу години дознаваш дека е реалност. Многу мои ученици денеска се наставници. Јас сум горда за тоа. Знам дека тоа е моја заслуга, раскажува наставничката.

Оваа професија за жал од година на година станува се помалку атрактивна, а децата се помалку почнуваат да се одлучуваат школувањето да го продолжат во тој смер. Денеска децата сакаат поплатена професија или пак професија за која полесно ќе можат да најдат работа, што и не е пример со оваа.

Како и да е , оваа професија треба да се работи со љубов. Да бидеш посветен. На некое дете му е потребно повеќе внимание, на некое помалку. Ниту возрасните луѓе не се исти, а не пак децата. И сега кога би се вратила назад, пак ќе изберам да бидам наставник. Пак ќе ги изберам децата. Пак ќе ја изберам училницата, како мое работно место.