Штедите ли? Колку струја троши едно семејство

Едно македонско домаќинство со четири члена во просек месечно троши 492 KW/h електрична енергија, а според актуелната цена на струјата од 5,54 денари за киловат час за да ја плати потрошената струја му требаат 2.725 денари.

Ова, секако, не е износот на просечната сметка за електрична енергија, која секој месец ја добиваме во поштенските сандачиња, бидејќи во неа не се додадени комуналната такса за јавно осветлување и данокот на додадена вредност, а од први октомври годинава, со воведувањето на евтината тарифа и преку ден може да се надеваме и на помал износ.

Според податоците од Државниот завод за статистика, секој жител годишно троши по 1.475 киловат- часови електрична енергија, односно финалната потрошувачката на електрична енергија во просечно македонско домаќинство со четири члена изнесува 5.900 киловат- часови.

Пресметката покажува дека годишно се потребни околу 530 евра за да се плати сметката за овие потрошени киловати, односно просечната месечна сметка изнесува околу 45 евра. Секако овој износ не е рамномерно распределен во сите месеци, а кај оние семејства што се греат на струја сметката е најдебела во текот на зимските месеци. Токму поради затоплувањето на домовите со термо- печки, струјата е најчестиот вид енергија што го трошат македонските домаќинства.
Електричната енергија учествува со дури 53,3 отсто во финалната потрошувачка на енергенти во домаќинствата, а потоа следи биомасата (дрва) со 37,5 отсто. Во многу помал обем се користат топлинската енергија (6,6 отсто) и нафтата (2,3 отсто), а најмалку се користат цврстите горива (0,2 отсто).

Што се однесува до производството на електрична енергија, во првите седум месеци од годинава хидроцентралите потфрлија и остварија само половина од испорачаната струја во минатата година.
Вкупното производство од домашните енергетски капацитети во периодот јануари- јули 2017 година изнесуваше 5.462 гигават- часови, од кои хидроелектроцентралите произведоа 445 гигават- часови, односно само 54,9 отсто од ланското производство.

Трите блока на термоцентралата „Битола" произведоа 1.967 гигават- часови, а ТЕЦ „Осломеј" 30,9 гигават- часови. Гасната централа во Скопје „Те- То" испорача 356,6 гигават- часови струја, а ветерната централа во Богданци во електроенергетскиот систем внесе 63,2 гигават- часови струја.