Шолја топол чај или кафе во тишина – навика од која никогаш нема да се откажам

Самотијата за мене не значи осаменост, не значи болка и очај, туку навраќање кон самите себеси. Јас имам пријатели и блиски луѓе, но сакам да минувам и време во самотија. Така размислувам за себе, за тоа што го сакам, тоа што не го сакам, тоа што не сакам да го направам.

Во тие моменти на тишина, највеќе сакам да испијам шолја кафе или топол чај.  Најсреќна сум кога ќе седнам и ќе го почувствувам мирисот, а мислите ќе ги пуштам да лутаат некаде. Се потсетувам на некои од најубавите спомени, размислувам што ме очекува, се потсетувам на своите надежи. Сонувам за убави мигови. Убаво ми е. Сакам да се дружам и со другите, но најмногу уживам во ваквите моменти.

Другите луѓе мислат некогаш дека ме убива самотијата, се извинуваат што не се покрај мене кога пијам кафе, но им велам дека грешат. Ова е мојот миг на полнење на батериите, им велам. 

Затоа, секој ден одвојувам време за себе. Мислам дека тоа е многу важно за внатрешниот мир. Тоа е мој ритуал, а останатото време можам да им го посветам на другите.