Шилегов за Беџети: Тој дозволи урбано дивеење на Матка

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, ги отфрли сите обвинувања од градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, кој рече дека имал предлог од Шилегов да биде урната само една од дивите платформи, а останатите две да продолжат да се градат.

– Јас побарав да се сруши платформата која што сите знаеме дека се гради годинава, а за која градоначалникот Беџети тврдеше дека постоела неколку години наназад и дека на истата се врши реконструкција. Целата реакција на јавноста и на скопјани беше за изградбата на таа платформа, која е нова и која деновиве се има збогатено и со маси и ресторани и јас во момент го повикав градоначалникот на општина Сарај во оваа канцеларија и од него побарав предметната платформа да биде предмет на рушење. Тој изјави дека и останатите две се дивоградби, но градот за жал нема ингеренции врз дивоградбите, и каков е статусот на другите платформи на Матка ни е непознат. Меѓутоа, тогаш како градоначалник изреагирав на ова што всушност сите како граѓани на Скопје и целата јавност реагираа, а тоа е градење на нова платформа и денеска стојам на мислењето дека тоа е нова платформа и дека таа не смееше воопшто да се дозволи да биде предмет на градба. Како нешто што почнало да се гради годинава, започнало да се легализира пред една и пол година е прашање кое ќе треба да го одговори господинот градоначалник на Општина Сарај – кажа градоначалникот Шилегов, пренесува „Плусинфо“.

Во однос на наводите за политичкиот притисок, градоначалникот Шилегов го изјави следното:

– Ако тоа е личен впечаток на градоначалникот ќе треба него да го прашате. За мене не е политички притисок од СДСМ или од градоначалникот на Скопје да побара владеење на правото и недозволување на дивеење во Кањонот Матка. Тоа што се случуваше на почетокот на оваа година не е ништо друго освен урбано дивеење кое што, за жал, го дозволи администрацијата на Општина Сарај и нивниот градоначалник.