Шилегов ќе отвори меморијален музеј посветен на НОВ

Постојана поставка наречена „Хероите на градот на Вардар“ ќе биде отворена утре во обновениот Меморијален музеј на илегалните работилници за изработка на оружје во Скопје за време на НОВ (1941-1944), сместен на левиот брег на реката Вардар.

Поставката во објектот на кејот „Димитар Влахов“ зад Археолошкиот музеј на Македонија, свечено ќе ја отвори скопскиот градоначалник, Петре Шилегов.

Новата изменета и надополнета поставка, чиј автор е Зоја Богдановска, виш кустос историчар, сместена е во целосно санираниот простор на тајната работилница, зачуван во својот автентичен изглед, којашто во 1981 година била пренаменета во музеј, информираат од Град Скопје.

Оттаму додаваат дека со поставувањето на деведесетина зачувани музејски експонати се будат сеќавањата за илегалната работилница што се користела за изработка на оружје за партизанските одреди, но и други експонати коишто се поврзани со времето на Втората светска војна.

Со повторното отворање на Меморијалниот музеј на илегалните работилници, Музејот на град Скопје го добива својот втор депанданс во стариот дел на градот, кој е единствен од ваков вид во Македонија и ја збогатува со уште една значајна содржина културната понуда на град Скопје.