Шилегов им го укина бесплатното паркирање на вработените во Градот

Градоначалникот Петре Шилегов им го укина бесплатното паркирање на вработените во Град Скопје.

Како што пренесува СДК, на улицата пред бараките на Градското собрание, иако е воведено зонско паркирање, административците не плаќале. Првин кога било воведено зонското паркирање пред бараките им биле дадени бесплатни налепници, но потоа налепниците не им биле продолжени, туку секој си паркирал слободно бидејќи контролорите на ЈП „Градски паркинг“ не ги казнувале оти им било речено дека паркингот за вработените треба да биде бесплатен. Освен на улицата пред бараките, вработените бесплатно се паркирале и на паркингот кај Зоолошката градина, каде исто така има зонско паркирање.

Вчера контролори на ЈП „Градски паркинг“ ги казнувале вработените кои немале платено за паркирање и ги информирале дека добиле налог од градоначалникот Шилегов бесплатното паркирање да биде укинато односно од 1 април сите треба да платат за месечна паркинг карта.

Градоначалникот Петре Шилегов за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдува дека им било кажано на административците дека бесплатното паркирање не важи повеќе.

„Кога можат останатите жители на Скопје да плаќаат за паркирање и да имаат месечни карти, зошто вработените во Градот да се паркираат бесплатно на паркинг на кој се наплаќа. Не знам зошто досега тоа им било дозволено. Правилата мора да важат за сите, не може вработени во Град Скопје да бидат привилегирани“, вели градоначалникот Шилегов.

Двата паркинзи кои наоѓаат кај бараките на Градското собрание и со кои стопанисува ЈП „Градски паркинг“ со години не остварувале приходи оти речиси сите паркинг места биле зафатени од административците, за кои не важел ценовникот на претпријатието. Според ценовникот месечната карта за паркирање за вработени е 800 денари.