Секогаш велев дека личам на тато, а јас всушност сѐ почесто наликувам на тебе...

Ова е за тебе, ти која девет месеци ме носеше под срцето. За тебе, жената која ме роди и ми го даде името, кое не го носам во ничија чест, за да бидам своја. 

До седмата година те држев за здолништето и плачев секогаш кога одеше на работа. До 10-тата година спиев до тебе. До 18-тата година едвај неколку пати дали преспав на друго место освен дома. Замисли, никогаш не ти кажав дека ми беше ужас кога ќе дојдев порано од дома, а ти не беше таму. И дека најубаво ми беше секое утро кога низ магливиот сон ќе ти го чуев гласот. 

Секогаш велев дека личам на тато, а јас всушност сѐ почесто наликувам на тебе. Малку загрижена, внимателна и неодлучна. Брзо избувнувам, а уште побрзо се смирувам и ги заборавам лошите страни на луѓето и секогаш одново им давам шанси.

Замисли, никогаш не ти кажав дека сум среќна кога наликувам на тебе. На тебе, ти која си столб и темел и покрив. На тебе, без која куќата за миг би се срушила и без која молкот би се продолжувал. Заради тебе куќата мириса на пециво, на овошје, на колач од вишни и распрскан шеќер во прав.

Заради тебе постелнината мириса уникатно, како на ниту едно друго место, мириса на сонце, на твоите раце и на мир. Ти имаш исцедено над 1000 облози и имаш сварено толку многу чаеви и којзнае колку ноќи помина седејќи покрај мене. 1000 пати си се разбудила од немирниот сон за да видиш дали гори светло и дали сѐ е на свое место. Безброј недели ги помина во готвење, пакување, испраќање. Ти нас ни даде сѐ и го сочува нашиот дом. 

Би сакала повеќе да се смееш и помалку да се грижиш и преку мир и спокој да ти се врати сето добро кое го правеше за другите. 

Замисли мамо, никогаш не сум ти кажала, но ти си зеницата на моето око и најпрекрасниот мир на моето детство. Мојата куќа секогаш ќе биде таму каде што си ти.