Секогаш треба да бидеме подобри кон нашите пријатели

Луѓе како луѓе, обично сме толку загубени во своето секојдневие, што забораваме дека мораме да се трудиме да бидеме подобри пријатели. Пријателството и другарството се најважните односи кои ги создаваме во животот, после семејството. 

Тоа се луѓето со кои ги поминуваме деновите, со кои заедно растеме, излегуваме, се тешиме, се смееме, заедно си го правиме овој живот полесен.

И обично секогаш размислуваме за тоа какви се нашите пријатели со нас, но колку често се погледнуваме себеси во огледало?

Сите сакаме да мислиме за себеси дека сме одлични пријатели. И можеби и сме. Секој од нас. Но, секогаш можеме да бидеме подобри. Понекогаш, едноставно е чесно да си признаеме дека и не сме најприсутни и одлични, дека мора да се поправиме. 

Да, можеби животот нѐ уморува со секојдневните обврски, но тоа не е причина да не посветиме повеќе внимание на она што им се случува на нашите најблиски. 

Социјалните мрежи создаваат некој привид дека ако денес пишеш некому дека е исто како да си посветил внимание. Тоа не е точно. Социјалните мрежи се добри за шегување, но тоа не е давање должно внимание, посебно на оние кои ни значат.

Неодамна се фатив себеси во таква ситуација, загубена во вртлогот во секојдневието и недостатокот на енергија, сфатив дека премногу удобно сум сместена во светот кој постои во мобилниот телефон и лап-топот, наместо да посветам повеќе внимание на реалниот свет и на реалните работи. 

Никогаш не сум сакала да бидам од оние пријатели кои ги сфаќаат блиските здраво за готово и кога сфатив дека можеби и јас тоа го правам, тоа спознание ме удри како гром од ведро небо и ме натера да си ставам прст на чело. Затоа што знам колку тешко пуштам луѓе во мојот живот и знам колку ги ценам оние кои се во тој мал круг и самата помисла дека не сум доволно добра пријателка ме убива, не заради себе, туку заради фактот што некој што го ценам не го знае тоа, бидејќи не го покажувам како што треба и затоа што не сум присутна онолку колку што треба да бидам.

Сакам да кажам нешто, но што да кажам кога знам дека сум згрешила, кога знам дека сум потфрлила онаму каде што не сум смеела да потфрлам?

Овие есенски денови баш се добри за рефлексија и за носење одлуки, јас одлучив да бидам подобра пријателка, а тоа е одлука која секој од нас треба да ја донесе, затоа што само така ќе станеме и подобри луѓе!