Седум пациенти во потешка состојба на Инфективна клиника

Седум пациенти кои се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести се во потешка здравствена состојба, но не се приклучени на респираторни машини, информира на попладневната прес-конференција Венко Филипче, министер за здравство. Тој рече дека на оваа Клиника се лекуваат вкупно 41 пациент.

-Освен овие седум кои се во потешка состојба, 27 се во средно тешка состојба и 7 се со полесни симптоми. Стабилна е состојбата и на заболените во Штип, информира министерот.

Тој повтори дека во изминативе 24 часа се регистрирани нови 18 случаи на заразени со корона вирус и дека вкупната бројката се искачи на 219 лица.

-Од уште 18 вработени во Заводот за рехабилитација во Козле се земени брисеви за анализа. По анализа ќе биде донесена одлука како тој ќе работи. Постои варијанта да работи амбулантно. Ќе направиме план во соработка со епидемилозите, рече тој.