Се сеќавате на брендовите Phard и Diesel кои одбележаа еден период во Скопје? – Прочитајте што велат скопјанките за тогашните шмизли и кремци

Кога ќе се спомене Phard или Diesel многумина од нас ќе се навратат петнаесетина години наназад и ќе се сетат на еден период од животот во Скопје кој беше одбележан со овие најпопуларни брендови во тинејџерските денови. Сите копнееа да ги имаат овие парчиња облека во својот плакар, а речиси и да не постоеше некој кој немаше барем едно парче оттаму. Ќе се сетиме дека девојчињата облечени од глава до петици во Phard беа најпосакуваните девојки во градот и беа нарекувани шмизли, а момчињата облечени во Diesel беа кремци. Во разговор со девојките кои го обожавале Phard ни раскажаа што всушност за нив претставувал овој бренд и колку копнееле, па и штеделе за да ги имаат тие парчиња облека.

-Уфф, тоа беше навистина одамна, но секогаш кога ќе се присетам на тој период имам насмевка на лицето. Бев во основно училиште кога се појавија овие брендови, беа вистински хит и навистина сите посакувавме да ја носиме таа облека. Особено во средно училиште, кога “главните“ таканаречени шмизли беа облечени од глава до петици во phard, а интересно беше тоа што не сакаа да се дружат со девојчиња кои не носеа phard. Да бидам искрена сакав да бидам облечена во phard, а се случуваше и да пуштам некоја солза за да ми ја купат родителите облеката која што ја сакам. Убаво ми е кога ќе се сетам на тој период кога главна окупација во животот ни беше како да ги убедиме родителите да ни купат фармерки и сукња од Phard, се присетува Ирена Т. од скопската населба Капиштец.

Во разговор со Ангела која е другарка уште од тинејџерските денови со Ирена, и таа се присетува дека облеката била навистина скапа и бил голем трошок за родителите, а како што вели интересно е тоа што за полуматура имало неколку девојчиња што биле исто облечени.

-За полуматура скоро сите беа облечени во Phard, а интересно беше тоа што и по неколку девојчиња носеа иста облека, а тоа се случуваше и кога ќе излезеш во град, да налеташ на девојка која е облечена исто како тебе, па како да се гледаш во огледало (се смее). Јас не сакав да бидам од глава до петици во phard и да бидам како подвижен излог, но секако ги обожавав фармерките, маиците и високите топуци, па секогаш се обидував да ги комбинирам и да не бидам како во униформа (се смее). На родителите им беше голем трошок бидејќи навистина облеката беше скапа, но секако се обидуваа да ми овозможат да ја имам, а и да бидам искрена често и штедевме пари на училиште за да можеме да купиме плус уште едно парче. Phard е навистина едно убаво сеќавање кое ги одбележа моите тинејџерски години и често со другарките збориме за тој период од животот, раскажува Ангела која исто така живее во Капиштец.

Ирена и Ангела ги прашавме и за момчињата, како тие се облекувале тогаш, а тие ни раскажаа дека момчињата обожавале да бидат облечени во брендот Diesel и во градот биле познати како кремци.

- Сега навистина немамe видено некое момче да носи некое парче облека од Diesel, а во тоа време главните фраери во градот беа скоцкани во споменатиот брендов, повеќето од нив беа менаџери во дискотеките и верувајте сите девојки лудуваа по нив. Секако и момчињата штедеа пари за да купат нова кошула, а слично и како девојчињата и тие меѓусебно си ја позајмуваа облеката, се присетуваа Ирена и Ангела.