Се реконструира и проширува пристапниот пат кој води кон Теферич (ВИДЕО)

Градоначалникот на Општина Кисела Вода и директорот на Скопскиот плански регион, денес на терен извршија увид во градежните дејствија што се одвиваат дел од пристапниот пат кој води кон рекреативниот центар Теферич.

Откако, во првата фаза која се одвиваше во текот на минатата година беа опфатени 500 метри од црквата “Свето Преображение” кон населбата Пржино, деновиве започна втората фаза од проектот за реконструкција и проширување на новите 500 метри на патот кон Теферич.

-Ова е реализација на втората фаза на проширување на патот кон Теферич која освен проширувањето, ќе опфати и поставување на нов асфалт, изработка на тротоар од левата страна и негово поплочување со бехатон плочи, во должина од нови 500 метри. Минатата година ја реализиравме првата фаза, односно првите 500 метри за што сакам да искажам голема благодарност на Центарот за развој на Скопски плански регион, како носител на овој проект кој, пак, беше инициран од страна на Општина Кисела Вода. Секако, сакам да упатам голема благодарност и до Општина Сопиште и Градот Скопје кои ја дадоа својата поддршка за негова реализација.

Сакам да им се заблагодарам и на граѓаните за трпението, бидејќи, и во моментот гледате дека овде има изменета регулација на сообраќајот. Затоа што, практично, ова е втор начин како да се дојде до Припор, до Сопиште и до другите населени места во Сопиште, освен преку главната делница сообраќајница “Христо Татарчев”- истакна градоначалникот на Општина Кисела Вода.

Додаде дека проектот предвидува и трета фаза, за која општината ќе аплицира веќе следната година и која, ако биде повторно биде поддржана, ќе овозможи проширување на последните 300, до 350 метри од патот, а согласно проектот предвидено е и поставување на осветлување, за што следната година треба да отпочне тендерска постапка.

– Вкупната вредност на втората фаза на проектот изнесува 6.650 000 денари од кои 5.539.797,00 ден и се обезбедени од страна на Министерство за локална самоуправа, т.е., Бирото за регионален развој, согласно програмата за регионален развој, а Општина Кисела Вода од својот буџет кофинансира со 1. 100 000 ден. Скопскиот плански регион, како носител на проектот, досега преку Министерството за локална самоуправа, т.е., Бирото за регионален развој, досега има инвестирано околу 11 милиони денари.

Како што истакна и градоначалничката, не застануваме, планираме во 2018 година да аплицираме и за последната фаза, со што би се реализирала целокупната должина на проектот, одноно би се финализирала реконструкцијата на оваа делница- изјави Розета Арсовска, директор на Центар за развој на Скопски плански регион.

Градежните работи ги изведува фирмата Фабрика Карпош АД Скопје и треба да завршат за 4 месеци.

Важноста на проектот голема и за општина Кисела Вода, но и за општина Сопиште бидејќи локалниот пат Теферич ги поврзува овие две општини минувајќи низ нивните локалитети. Преку него, жителите на овие две општини многу полесно ќе стигнуваат до центарот на градот притоа избегнувајќи го сообраќајниот метеж.