Се реконструира Финскиот парк во населба Ченто

Реконструкцијата и хортикултурното уредување на Финскиот парк во населбата Ченто е во завршна фаза. Увид во активностите за обнова на оваа зелена површина денеска изврши градоначалникот Шилегов.

- Деновиве работиме на реконструкција и хортикултурно уредување на зелена површина од околу 13.000 квадратни метри во Финскиот парк во населбата Ченто. Површината е прекопана, исчистен е шутот, донесена е нова плодна хумусна земја и се подига нов тревник. За прв пат во овој парк е поставена хидрантска мрежа со систем за полевање со прскалки. Поставени се 23 шахти и 145 прскалки за наводнување на зелената површина. За обнова на овој парк се одвоени околу 6,5 милиони денари од Буџетот на Град Скопје, а на терен работеа екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ – рече денеска градоначалникот Шилегов.

За потсетување, оваа година Градот Скопје подигна и реконструираше рекордни 122.838 квадратни метри зелена површина. Оваа есен беа засадени 3.500 висококвалитетни садници на јавните површини, а приоритет беше обновувањето на дрворедите и подигнувањето нови дрвореди.

- Го зголемивме буџетот за животна средина за 2019 година за 32 насто. Зголемување има и во делот за подигање паркови и зеленило за над 50 милиони денари. Зазеленувањето останува на врвот на листата на приоритети на Град Скопје. Ќе ја искористиме пролетта да го обновиме загубеното зеленило и да им обезбедиме на нашите сограѓани повеќе чисти зелени површини. Влогот во здрава животна средина е трајна придобивка која непосредно влијае врз здравјето на сите сегашни и идни генерации – нагласи Шилегов.