Се дополнува катастарот на зеленило во општина Кисела Вода

Продолжува реализацијата на проектот за воспоставување на зелен катастар на Општина Кисела Вода. Со новите активности, финансирани од страна на оваа локална самоуправа, ќе бидат опфатени јавните зелени површини во урбаните заедници Цветан Димов, Бирарија и дел од Кисела Вода. Се работи за околу 1400 дрвја кои ќе влезат во зелената лична карта на општината. 

Целта на овој проект е подобрување на управувањето со јавното зеленило, како и заштита на животната средина. За секое регистрирано дрвце ќе има податоци за степенот на апсорпција на штетни материи преку утврдените индикатори на штетност, неговата старост, потенцијалната опасност и потреба од сеча, а ќе се утврди и можноста за засадување на нови дрвца. Собирањето и анализата на просторни податоци за зеленилото, го врши фирмата Трифор.

И овие информации, како и претходно поставените кои се однесуваа на зеленилото во училиштата и градинките, ќе бидат поставени на официјалниот Катастар за зеленило кој ќе биде достапен и на официјалниот веб портал на Општина Кисела Вода. Активностите за надопонување на содржините ќе продолжат и во текот на наредната година.