Центарот е изграден од страна на Владата на Република Македонија во 2008-та година. Во овој момент објектот се наоѓа во добра состојба и е на здрави и цврсти нозе. За претстојната 2017 година најавени се преку 23 концертни манифестации , бројни меѓународни и домашни натпревари како и организација на неколку првенства.

Од првиот ден кога сум на чело на Спортскиот центар па се до денес, како и на целокупниот тим кој е задолжен за менаџирање на центарот основна цел ние е Спортскиот центар Борис Трајковски да го адаптираме според потребите на граѓаните и спортските федерации и клубови но и да го надградуваме и развиваме по примерот на светските спортски комплекси. Во иднина Спортскиот центар Борис Трајковски го гледам како комплекс кој ќе биде лидер во регионот, вели Златко Перински, Директор на СЦ Борис Трајковски во интервју за Скопје Инфо.

Во однос на плановите за оваа година вели дека проектот за тениската арена со гимнастичка сала и сала за боречки спортови е во завршна фаза, потоа следи изготвување на одобрение за градба по што ќе биде објавен оглас за доделување договор за јавна набавка за изградба на Арената. По завршување на постапката за избор на изведувач веднаш ќе започнеме со градежните активности.

Очекуваме арената за тенис, гимнастика и боречки спортови да биде готова во втората половина на 2018 година. Арената ќе овозможи одржување на професионални натпревари во тенис, гимнастика и боречки спортови, додава Перински.