Сакам телефон како на Никола, и патики купени од продавница, а не од пазар

Поголемиот дел од македонските семејства земаат плата, само како да можат да преживеат од месец до месец. Да имаат за храна, а се останато може да почека.

Таква е и судбината на едно скопско семејство.

-“Тато сакам ист телефон како на Никола, другарчето од училиште, на него има многу убави игрички”, ова ми го кажа син ми, пред некој ден кога дома се врати од училиште. И тоа баш во оној момент, во оној ден кога јас удирав глава во ѕид како да ги платам сметките за струја, бидејќи ми дојде опомена дека во рок од една недела ќе бидеме исклучени, ако не го подмириме долгот. Само климнав со главата, не сакајќи моите проблеми да му ги пренесувам на моето седумгодишно дете. “Ќе купиме, во некое подобро време”, му кажав. “А кога е тоа време, утре, задутре, за мојот роденден”, ме прашуваше. Како да му објаснам дека ние едвај имаме за храна. Дека и јас и мајка му земаме минимални плати, и дека немаме свој дом, туку плаќаме кирија. Но, ете тој е дете, а јас не сакам уште сега да ги уништувам со такви муабети. Иако веќе станува голем, па со текот на времето ќе сфати, но и јас како него се надевам дека еден ден ќе дојде подобро време. Додека разговаравме со него, за телефонот на неговото другарче и за добрите игрички со мотори, дојде другиот син од училиште кој е само една година постар. “Тато, сакам убави патики, од продавница купени, а не од пазар”... Срцето ми се стегаше. Солзите почнаа да ми се тркалаат по образите. “Ќе купиме...”, му реков и на него. Деца се тоа, не разбираат, сакаат се она што го имаат и нивните другарчиња во училиште, раскажува таткото.

-Како да им кажам дека ако не ја платам струјата ќе ни ја исклучат. Како да им кажам дека два месеци немам земено плата. Како да им кажам дека немаме свој дом, туку сме кираџии. Како да им кажам дека фрижидерот е речиси празен. Како да им кажам дека сум со факултетска диплома, а немам работа. Деца се тоа. Се надевам нема уште за долго да биде така. Се надевам дека нема уште долго да се мачиме.